По години поминати со непопуларниот Internet Explorer, Microsoft пред 3 години го претстави новиот и модерен Microsoft Edge. Овој нов прелистувач беше направен на основа на нова веб технологија, па за разлика од неговиот претходник, Edge е компатибилен со сите најнови технологии, односно веб страни и апликации.

Сепак, Microsoft не се погрижи да овој прелистувач биде доволно конкурентен со другите уште од самиот почеток. Edge сепак покажуваше нестабилност во многу ситуации, како и некомпатибилност со одредени страни. Тоа можеби веќе не е случајот, Microsoft направи доста за да го доведе во добра состојба Edge, меѓутоа не доволно брзо, па ретки се програмерите кои претставуваат додатоци за овој прелистувач, што е и една од најклучните работи за потенцијалната популарност.

Јас тука би додал и дека Edge некои основни работи не ги прави како што треба, на пример, прикажувањето и менаџирањето на омилените страни, па иако повеќе пати се обидов да му дадам шанса да биде мојот главен прелистувач, сепак на крајот тоа не беше можно.

Според Windows Central, веб страна од САД која работи специјално со новости од Microsoft светот, објави дека нивни извори од компанијата им имаат кажано дека развојот на Edge нема да продолжи, барем не во оваа форма. Како основа за нивниот прелистувач ќе биде Chromium, проектот со отворен код на чија основа се прави и Google Chrome.

Моментално овој проект во Microsoft го носи кодното име Anaheim и не е познато дали ќе биде целосно нов прелистувач или ќе му биде променета само основата, а ќе го задржи името и изгледот. Изворите кажуваат дека прелистувачот на основа на Chromium ќе стане главниот прелистувач на Windows 10.

Доколку ова се покаже како точно, може да се гледа како позитивно, но и негативно до одреден степен. Од една страна, Microsoft Edge или како и да биде наречен главниот прелистувач од Microsoft, ќе ја добие истата основа со Google Chrome со сите предности кои ги носи. Исто така, Microsoft веќе нема да има потреба да троши ресурси развој на сопствена технологија, па само ќе треба да ги прави потребните измени на Chromium со секоја нова верзија.

Од друга страна, пазарот повторно ќе се доведе во ситуација на мал избор. Моментално главните прелистувачи може да се каже дека се Chrome и Firefox, односно прелистувачите направени на нивна основа. Доколку Microsoft го откаже Edge, без разлика што не е баш популарен во момент, ќе се изгуби можноста за трет и добар конкурент, а Chromium ќе добие уште поголем пазарен удел.

Оставете коментар

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.