Пробивањето на некој од големите сервиси кои имаат огромен број на корисници, а со тоа и база од огромен број на имејл адреси и лозинки е нешто на кое веќе и навикнавме да се случува секоја година.

Ваквите случаеви се добар потсетник за тоа дека лозинките коишто ги користиме треба да бидат сложени, да не ја користиме истата лозинка на повеќе од еден сервис, а исто така нивната промена од време на време е препорачана практика.

Сопственикот на познатиот сајт „Have I Been Pwned“, на кој може да ја внесете вашата имејл адреса или лозинка и да откриете дали е дел од достапната дата база од пробиени информации, Трој Хант, „налета“ на досега една од најголемите бази со кориснички информации.

Тој по добиена информација и дополнително истражување по форуми и слично, доаѓа до папка во познатиот MEGA cloud сервис наречена „Collection #1”. Името на папката не е случајно затоа што истата е составена од „колекција“ од повеќе пробивања на сервиси од, како што истакнува Хант, илјадници извори.

Во оваа колекција се содржани околу 773 милиони имејл адреси и околу 21 милион лозинки. Бројката е една од најголемите досега, па верувам дека доколку ги проверите вашите адреси на горе линкуваниот сајт, сигурно ќе биде најдена во базата.

Како и секогаш после вакво откритие, се препорачува промена на лозинките кои се користат за најважните сервиси и повторно би нагласил да не ги користите најпознатите и воедно најлошите лозинки, како и да не ја користите истата лозинка на повеќе сервиси.

Најдобра практика за денешно време на многу сервиси е користење на менаџер за лозинки. На овој начин ќе имате една лозинка која ќе треба да ја запомнете, додека останатите ќе бидат зачувани од страна на сервисот. Трој Хант соработува со познатиот 1Password сервис, но јас би ги препорачал и LastPass како одличен конкурент.

За повеќе детали и технички објаснувања околу најновото откривање на кориснички информации, можете да го посетите овој линк каде Трој Хант детално го објаснува случајот.