Пред некое време пишувавме за опасноста од тоа интернетот да стане подосаден во случај да дојде денот кога ќе биде усвоен законот за авторски права (кој тогаш уште беше „во постапка“).

Тој ден пристигна. Европскиот парламент, со 348 гласови ЗА и 274 против, пред неколку денови го изгласа овој закон (односно директива). Сите земји членки на ЕУ ќе треба да го усвојат во своите законодавства во наредните две години.

Данок на линкување

Најкритикувани беа членовите 11 и 13 од директивата. Со нив, Гугл, Фејсбук и др. агрегатори или интернет пребарувачи ќе треба да им плаќаат на страниците за вести за да можат да ги објават линковите кои водат до нивните содржини (т.н. „данок на линкување“).

Може да погодите кој е ЗА овие мерки, а кој против. Музичарите го величаат законот бидејќи сметаат дека треба да добијат нешто од споделување на нивната музика онлајн. Технолошките гиганти сметаат дека „се е ОК“ и дека креаторите веќе заработуваат доволно. Корисниците имаат торенти.

Опасност од цензура?

Со членот 13 се стравува дека ќе се забрани споделување на ремикси од песни, мемиња и други нелиценцирани содржини. Односно, Јутјуб и другите платформи ќе мора да отстрануваат содржини кои не се лиценцирани.

Според критичарите (од кои највокални се најверојатно тие во Германија), законот ќе ги претвори социјалните гиганти во интернет полицајци, кои ќе треба да смислуваат начин како автоматски да банираат прикачување на недозволени содржини од корисниците. А, ќе мора да го сторат тоа, оти ако ЕУ примети дека законот е прекршен, следуваат казни (Гугл знаат за што зборуваме).

Добра фора на Редит…

Којзнае што се нема да смислат технолошките гиганти за да ги ловат оние работи што ги споделуваат нивните корисници. Од една страна, веројатно е дека тоа ќе ги чини многу (и во пари и во загуба на корисници). Од друга страна, се појавуваат ризици по слободниот говор на интернет како и правото на приватност кои можат да бидат загрозени како резултат на спроведувањето на директивата.

Со намера да реши една главоболка, ЕУ потенцијално си создава уште десет. Војната на авторските права не е завршена. Допрва почнува.

Претходна статијаМашинското учење го окупира светот, но не на начин на кој вие претпоставувате
Следна статијаGalaxy Note10 ќе биде без физички копчиња?