Google Trips е нова апликација која Google ја претстави минатата година. Апликацијата беше еден вид на собирање на неколку Google сервиси во една централна апликација, односно групирање на Google Flights, Hotels и Trips.

Колку и да е добра оваа апликација и корисна, сепак, планирањето на патувања е подобро кога се прави од компјутер, а апликацијата е тука за потсетување на веќе пронајдените информации.

Google конечно ја направи и десктоп верзијата од Trips апликацијата, па може да се каже дека сега истата може да и се даде посериозна шанса. Двете верзии се исти, што значи дека ги имаат и истите функции.

До десктоп верзијата на Google Trips може да се пристапи преку прелистувач со отворање на адресата https://www.google.com/travel.

Преку овој, да го наречеме портал, може да се пребаруваат местата каде што би сакале да патувате. Со тоа можете да разгледате достапни летови, хотели, како и информации за како да стигнете до саканото место.

Секогаш кога ќе резервирате лет и/или хотел, а потврдата за истото ја добиете на вашата Gmail адреса, резервацијата автоматски ќе биде додадена во Google Trips, а информациите околу истите можат да бидат променети.

Она што ја прави оваа апликација, односно сервис, корисен е дополнителните информации кои може да се најдат за дестинацијата каде се патува, како и организацијата на сите овие информации, вклучувајќи ги и резервациите во посебно патување.

Па така, може да се види временската прогноза за местото каде што се патува, трендовите на времето во тој период, популарно време за посета, слики и видеа, места што вреди да се посетат и слично.

Се што не е зачувано како посебно патување, останува зачувано во историја на пребарувања, достапно за секогаш кога ќе сакате да го продолжите планирање.

Секако, за сето ова да функционира со сите достапни функции, потребно е да се најавите со вашата Gmail сметка, а исто така да ги немате исклучено функциите за собирање на информации од Google, како „Web and App Activity“.

Покрај ова, Google најави дека во Google Maps, поточно во Explore делот, додава можност за разгледување на популарните места на локацијата каде се наоѓате, односно за која пребарувате.