Messages е апликација од Google која е наменета за SMS комуникација, на која компанијата ги става сите ресурси за понатамошен развој. Ова е апликацијата која ќе продолжи да се развива како главна за комуникација од страна на Google, по одлуката за откажување на развојот на Google Allo.

За потсетување, Messages е апликацијата преку која Google го развива наследниот на SMS системот, наречен RCS, кој ќе овозможи комуникација слична на таа преку апликациите како Viber, Facebook Messenger и другите.

Една од најмногу бараните можности за оваа апликација била пристапност до пораките, односно можност за комуникација и преку компјутерите, а не само преку Android телефоните. Google веќе најави дека оваа можност ќе стане достапна, па од оваа недела почнува со пуштање на истата.

Начинот на којшто функционира оваа нова можност е слична со таа на WhatsApp. Тоа значи дека Google не направи посебна апликација за Windows и Mac, туку сервисот е достапен преку веб. Со отворањето на оваа страна, па потоа отворање на Messages for Web на апликацијата на Android, се скенира QR кодот којшто е достапен на страната, по што се синхронизираат сите пораки и може да се комуницира преку веб интерфејсот.

Можноста се’ уште не е достапна за сите, а тоа ќе биде постепено овозможено во текот на оваа и наредната недела, што значи дека ќе треба да причекаме да стане достапна најновата верзија од Messages на нашиот Android телефон.

Покрај оваа новина, Google најави уште неколку други новини за Messages на Android. Едната е можноста да се пребаруваат GIF слики, тука е и можноста за предложување на пораки, меѓутоа за почеток само на англиски јазик, како и можноста за прикажување на preview од линковите кои се во пораките.

Последната новина е можеби и најкорисна за една SMS апликација, барем додека истата почне да се користи со RCS системот. При добивање на еднократен код, како што се добива на пример при најавување на сервис со дво степена автентикација, апликацијата ќе даде можност само кодот да се ископира со еден клик. Потоа, кодот само треба да се пренесе во апликацијата каде се најавуваме.

Доколку сакате да почнете да ја користите Messages како главна SMS апликација, истата можете да ја симнете преку Play Store, односно преку овој линк.

ИЗВОРGoogle
ИЗВОР 2TechCrunch
Претходна статијаОтворена првата “Галерија на отворено” – ГРАДОТ УБАВ
Следна статијаIntel најави сопствена графичка картичка за 2020
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.