Прилично често се случува некој сервис да биде пробиен, а со тоа да се добие пристап до информациите на корисниците од страна на хакерите. Информациите, покрај другото, вклучуваат имејл адреси и лозинки.

Ова дополнително претставува проблем поради честата практика на корисниците да истата лозинка ја користат на повеќе сервиси, па доколку истата е пробиена на еден, потенцијално се загрозени и другите сервиси.

Google, истакнуваат од компанијата, има дата база од повеќе милијарди пробиени лозинки и кориснички имиња. Тие оваа база ја користат како основа за споредба на лозинките кои ги користат нивните корисници, па доколку дојде до поклопување, корисниците се известени да ја променат својата лозинка.

Овој систем на проверка сега добива посебен Chrome додаток којшто ќе овозможи проверка на лозинките на сите сервиси каде се најавуваат корисниците, а не само на тие од Google.

Корисниците се што треба е да го инсталираат додатокот, по што секогаш кога ќе се најават на некој сервис, додатокот ќе ја провери лозинката со нивната база. Доколку се најде истата лозинка, корисникот веднаш ќе биде известен, со препорака да ја промени лозинката на сите сервиси каде што ја користи.

Тука се разбира се поставува прашањето на приватноста. Дали корисниците би сакале Google да им ги гледа лозинките, иако е со цел да им каже дали се безбедни.

Од компанијата истакнуваат дека тие не можат да ги видат лозинките, дека за целиот процес се користи енкрипција, па дека корисниците не се во опасност од издавање на нивната лозинка.

Оставете коментар