Google веќе неколку години може да се каже дека го предводи префрлувањето на страните од HTTP на посигурниот HTTPS стандард. Овој стандард користи шифрирана комуникација, овозможена преку користење на SSL сертификати, па посебно се препорачува за веб страните на кои корисниците внесуваат лични податоци.

Сепак, Google ги „форсира“ сите веб страни да го користат овој стандард, па со оглед на тоа што се достапни бесплатни сертификати, веќе и нема оправдание зошто некој не би ги користел.

Поради тоа што се’ поголем број на веб страни користат SSL сертификат, од Google сметаат дека е време ова да се смета како нормалната состојба на веб страните. Тоа значи дека моменталната ознака во зелено на Google Chrome која ги информира корисниците дека веб страната која ја имаат отворено е сигурна, нема да остане.

Корисниците треба да сметаат дека страните се сигурни, освен ако не е означено дека тоа не е случајот.

Почнувајќи од Chrome 69, кој ќе биде достапен од септември оваа година, сигурните веб страни ќе бидат означени само со катанец иконата која веќе нема да биде во зелена боја. Исто така, текстот „Secure“ до таа икона ќе биде тргнат. Со тек на време, најавуваат од Google, и оваа икона ќе биде тргната.

Она што ќе остане е ознаката на несигурните веб страни, односно тие кои не се на HTTPS стандардот.

Како што истакнуваат од Google, порано бројот на веб страни кои се’ уште го користеле HTTP стандардот бил преголем, па нивното означување како несигурни би било нелогично. Меѓутоа, сега кога таа бројка е помала, Google Chrome ќе ги означува овие страни.

Од Chrome 70, ознаката за несигурните страни ќе се претвори во црвена кога корисниците ќе почнат да внесуваат текст во некое од полињата на таа страна.

ИЗВОРVB
ИЗВОР 2Google
Претходна статијаInstagram објавите сега може да се споделуваат како Stories
Следна статијаFacebook започнува со тестирање на реклами на Stories
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.