DuckDuckGo е интернет пребарувач којшто започна со работа пред 10 години. Можеби на повеќето од вас и да не ви е баш познат со оглед на популарност на Google и само малиот процент на корисници којшто го има DuckDuckGo во споредба со Google.

Главната карактеристика на DuckDuckGo, кој полека, но сигурно го привлекува вниманието на интернет корисниците е тоа што овој пребарувач не ги следи корисниците низ другите страни, како што е случајот со Google.

Причината поради која Google ги следи своите корисници е поради учење на нивните „сурфачки“ навики, а со тоа и нивните интереси. Врз основа на овие информации, Google може да ви прикаже повеќе релевантни резултати при пребарувањето, но уште поважно за компанијата, реклами кои се точно таргетирани за вас.

Ова секако е предмет на критика за тие коишто ги интересира приватноста на интернет, па следењето на секоја посетена страна од страна на компаниите, не е нешто што би се сметало за добро.

DuckDuckGo не ги добива своите приходи од реклами, па поради тоа и нема потреба да ги следи своите корисници. Ова може да значи нешто „полоши“ резултати и при пребарувањето преку оваа страна, меѓутоа сепак алгоритамот е тука да ги прикаже најдобрите резултати, без да ги знае интересите на корисникот.

Овој пребарувач, како што истакнуваат од компанијата, му требаа цели 7 години за да дојде до бројката од 10 милиони дневни пребарувања, па уште дополнителни 2 години за да се стигне до бројката од 20 милиони.

Она што е позитивно за пребарувачот е што растот на пребарувања се зголемува, па сега за помалку од една година, бројот на дневни пребарувања е зголемен на 30 милиони. Доколку овој тренд продолжи, DuckDuckGo може да стане и сериозна конкуренција на Google и Bing во годините што следат, но и да придонесе кон промената на практиките на овие конкуренти.

За споредба, Google има повеќе од 3 милијарди пребарувања во текот на денот, па јасно е дека треба да помине уште време додека DuckDuckGo успее да му се приближи, барем малку на Google.

ИЗВОРDuckDuckGo
ИЗВОР 2TechCrunch
Претходна статијаНов патент од Microsoft покажува како може да биде направен нивниот мобилен/таблет на преклопување
Следна статијаСвитливиот Samsung ќе биде таблет кој ќе може да се превитка во форма на мобилен
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.