PWA, односно Progressive Web Apps, се веб апликации кои се направени да функционираат скоро исто како стандардните апликации на мобилните уреди. Тоа е овозможено со новите веб технологии, па така овие апликации можат да ги прават повеќето работи достапни во официјалните апликации, заедно со потребните известувања кои веќе одреден период се достапни на веб страните.

Овие апликации се одлични за корисниците кои имаат послаби мобилни уреди, односно мобилни уреди со послаби перформанси, а сигурно со помал простор за податоци. Така тие можат да ги користат PWA веб апликациите, наместо главните, со тоа да заштедат огромен простор, а сепак да ја завршат потребата работа.

Начинот на којшто се користат овие апликации е многу едноставен и не бара нивна инсталација. Како што кажува и нивното име, се работи за веб апликации, односно апликации до кои се пристапува преку интернет прелистувач. Истите може да се додадат на главниот екран за побрз пристап до нив, а за доста од нив и тешко е да се забележи дека не се обични апликации.

Веќе има одредена бројка на апликации, меѓу кои и познати како Google Maps, Instagram, Twitter, Flipboard кои се направени како PWA апликации. Се што треба е да ги отворите страните преку мобилниот уред и да почнете да ги користите.

Доколку сакате повеќе апликации да користите на овој начин, останува прашањето како да откриете кои се направени како PWA. Постојат повеќе места кои даваат листа на вакви апликации, а Appscope тоа го прави во форма на продавница за апликации. Бројката на апликации не е толку голема, но сепак преку оваа продавница можете да ги дознаете повеќето апликации кои се направени како PWA.

Appscope е исто така направена како PWA, можете да ја отворите преку вашиот мобилен на https://appsco.pe/ и да ја додадете на вашиот главен екран за побрз пристап. На страната/продавницата можете да побарате која апликација ви е потребна, па со притискање на „Launch App“ да ја отворите истата.