Скопје, Македонија – 28. март, 2018 – Македонскиот медиумски етер официјално ќе биде збогатен со нов медиум – Националната Телевизија “1ТВ“. Телевизијата ќе започне со емитување редовна програма во етер од 29.03.2018 година (19 часот) и ќе биде достапна за гледачите преку операторите – ОНЕ.ВИП, Телеком, Неотел, Тотал ТВ преку ЕОН, како и на Нет ТВ во целиот свет.

Националната телевизија “1ТВ“ е сочинета од тим на искусни професионалци со долгогодишно новинарско искуство кои ќе се погрижат за воведување и пласирање на различна програмска понуда, со високо квалитетни содржини. Главен и одговорен уредник на “1ТВ“ е Ацо Кабранов, кој по 10 години се враќа на телевизиските екрани со сопствена авторска емисија “Уреднички брифинг“.

Мисијата на новинарската екипа од телевизијата “1ТВ“ е посветено да работи на подигнување на новинарските професионални стандарди, преку објективно, професионално и непристрасно информирање на граѓаните, сѐ со крајна цел – севкупно подобрување на слободата на изразување и информирање. Водени од мислата за збогатување и дополнување на медиумскиот пејсаж, телевизиската екипа ќе се стреми кон пласирање содржини базирани на начелата за програмски и содржински плурализам, застапеност на различни општествени ставови, по сите општествени прашања и теми, како и актуелизирање на проблемите со кои се соочуваат малцинските групи во општеството. На овој начин, “1ТВ“ ќе придонесе за создавање атмосфера на недискриминација и широка инклузија на сите општествени групи, креирајќи “јавен форум“ во којшто секој е добредојден.

Во рамки на “1ТВ“ ќе бидат продуцирани и пласирани програмски содржини според принципот на квалитет, држејќи се до основниот концепт на програма со информативно – забавен карактер. Во фокусот на новата национална телевизија ќе биде продуцирање на телевизиски продукти, изворно создадени на македонски јазик, поддржувајќи ги и поттикнувајќи ги вокално-инструменталната музика, документарните и играните содржини.

Во рамки на програмата на “1ТВ“ гледачите ќе може да следат и специјализирани емисии за судство, економија, шоу биз, спорт, сите во сопствена продукција на телевизијата, како и квалитетни домашни и странски филмови. Централна информативна емисија е “Студио 1“, која ќе се емитува секој работен ден од 17 до 19 часот.

Претходна статијаAcer го претстави првиот таблет компјутер кој работи на Chrome OS
Следна статијаПет лекции од лично искуство како да си ги вратиш парите како потрошувач – дел 2