Да кажам уште на почетокот, многу ми се допаѓа првата сезона на The Witcher. Уште од првата епизода ме втурна во свет во кој сакав да останам што повеќе. Хенри Кавил е предобар во улогата на Гералт од Ривиа. Кастингот на другите улоги е исто така одличен и немам никакви замерки за тој дел од серијата. Музиката е исто така феноменална, како и акционите сцени.

Но, доста повеќе ми се свиѓа првата половина од сезоната, а серијата речиси ме изгуби од шестата епизода па натаму. Не сум сигурен од кои причини е ова. Но, имам силни претпоставки. Една таква претпоставка е рипањето од тајмлајн на тајмлајн. Не бев сигурен во кое време се случуваат дел од сцените, ликови разговараат еден со друг до една сцена по друга, но разликата во години е двоцифрена, можеби и троцифрена. Не знам зошто одбрале вака да ја уредат сезоната, но барем за мене тоа беше доста збунувачки.

Мислам дека шестата епизода беше најслаба од сезоната. Имаше интересни поенти, но неколку сцени беа за кринџање и максимално се трудеа да изгледаат драматично и емотивно, но крајниот производ беше избрзан и воопшто не го постигнуваше посакуваниот ефект.

Иако Гералт е одлично склопен лик, не можам да го кажам истото и за неговиот сајдкик, бардот Јаскиер. Неговиот лик е веројатно склопен за да биде смешен и постојано да фрла досетки, но после стотата негова досетка „по шаблон“, ми стана премногу напорен и само посакував да не го видам во наредните сцени (во една епизода го губи гласот, мислам дека ми е омилена). Хуморот и така не е една од посилните страни на The Witcher.

На крајот, The Witcher е одлична. Ми личи на соодветна адаптација што ќе го задоволи секој хардкор фан на игрите и книгите. Јас само се надевам дека втората сезона нема да жонглира со различните временски периоди на истиот начин и дека некако ќе го отстрани Јаскиер од приказната.

Претходна статијаЛинкови од разни ќошиња на интернетот (#13)
Следна статијаКако Биткоин ќе влијае врз монетарната политика?