Иако авионскиот превоз е најбрзиот којшто моментално е достапен во светот, сепак се’ уште одредени летови може да се каже дека се премногу долги.

Има дестинации кои подразбираат седење во тој мал простор повеќе од 12 часа, па сигурно можноста за скратување на тоа време е нешто што би ги заинтересирало сите редовни патници, а секако поради тоа и авиокомпаниите.

Со исклучок на одредени обиди од американците, како и краткиот животен век на рускиот суперсоничен Туполев, единствениот комерцијален суперсончен авион беше познатиот и легендарен Concord.

Овој авион леташе со брзина 2 пати поголема од брзината на звукот, а тоа е за околу 2,5 пати побрзо од стандардните авиони. Со тоа, летот од Лондон до Њујорк којшто трае околу 6-7 часа, бил намален на помалку од 4.

Сепак, цената на производство на Concord, заедно со трошоците за негово одржување, како и потрошувачката на гориво, направија да овој авион сепак не успее да продолжи да функционира по неговата несреќа.

Предизвикот кога се во прашање суперсоничните авиони е од неколку делови. Потребно е да се користи материјал којшто е полесен, а за тоа се потребни истражувања и напредок на технологијата.

Тука исто така е и брзината со која ќе лета авионот и како тоа ќе влијае на потрошувачката на гориво затоа што наредниот суперсоничен авион нема да може да опстои доколку не биде масовно користен, а не само од тие што може да си го дозволат тоа.

Овој период наидов на две статии кои покажуваат до каде е со развојот на наредниот суперсоничен авион. Едната компанија дава повеќе надеж дека овие летови ќе се вратат во наредните 10 години.

Компанијата Boom Supersonic има собрано околу 140 милиони од инвеститори за развој на нивниот суперсоничен авион. Тој би требало да лета со брзина нешто поголема од Concord, односно со брзина 2,2 пати поголема од брзината на звукот.

Овој авион треба да почне да се тестира, а наводно од компанијата веќе имаат нарачки од неколку авио компании.

Boeing исто така работат на развој на суперсоничен авион, меѓутоа тие очекуваат дека тој би се нашол во употреба во наредните 20тина години.

Овој авион би требало да лета многу побрзо, па би имал брзина од околу 5 маха. Со оглед на тоа што се планира негово претставување во наредните неколку декади, веруваме дека ќе биде нешто навистина понапредно.

Како и да е, информациите покажуваат дека сепак нема компанија која е до толку блиску во претставувањето на суперсоничен авион, а тука е и непознатиот интерес на авио компаниите кој зависи на крајот од исплатливоста.

Претходна статијаСовети за подобро спиење
Следна статијаGoogle се приклучува на трендот од конкурентите и ќе претстави Lite верзија од Pixel 3?
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.