„Кога хероите летаат“ (When Heroes Fly)
Драматичната трилер-серија „Кога хероите летаат“ („When Heroes Fly“) на режисерот Омри Џиврон на годинашниот фестивал во Кан ја освои наградата за најдобра серија, а инспирирана е од еден од најпродаваните израелски писатели на романи, Амир Гатфројнд. Четворица пријатели, воени ветерани на една израелска специјална воена единица, по 11 години од крајот на војната, повторно се собираат заради една многу интимна и деликатна ситуација. Но, подготвени се да минат низ пекол само за да го најдат својот мир.

Дејството започнува кон крајот на Израелско-либанската војна во 2006 година во која четворица најдобри пријатели се подготвуваат за конечно враќање во своите домови.

Цели 11 години од крајот на воените мисии пријателите оделе секој по својот пат, секој живеел со своите приказни, проблеми и лични трагедии.

Девојката Јели (Нинет Тајеб) е љубовта на животот на момчето Авива (Томер Капон) и е сестра на Дуби (Надав Нејтс). Таа исчезнала и се верува дека е мртва. Но, кога нејзината слика во локалните весници ја здогледува Банда (Моше Ашкенази), кој живее и работи во Јужна Америка, тој ја почнува нивната животна авантура што ги води во колумбиската џунгла. На тој пат, секој од четворицата ќе се соочи со сопствените трауми и со личните психолошки граници.

„Црвената кралица“  (Krasnaya koroleva)
На Pickbox, како вистински есенски деликатес, пристигнува руската серија за една од најпознатите и најтаинствени руски манекенки – Регина Збарскаја.
Дејството почнува во Вологда, 1953 година, кога ги запознаваме Зоја Колесникова и нејзиното многу сиромашно семејство. Но, нејзината мајка Дарија прави сѐ што може Зоја да го добие барем она најосновното што ѝ е потребно. Една старица тогаш ѝ ја претскажувала иднината на Зоја и кога ја свртела картата со слика на кралица, старицата ѝ вели дека тоа е таа и дека картата го кажува името Регина. Зоја тогаш го променила името и отпатувала во Москва за да започне нов живот.

Животната приказна за Регина Збарскаја, односно нејзиниот успех во светот на моделите и нејзината поврзаноста со КГБ и со турбулентниот љубовен живот се мистерија и до денешен ден. Со својата „западна“ убавина, Регина привлекувала многумина, а во Париз, каде што ја забележале светските медиуми, списанието „Пари мач“ ја нарекло „La plus belle arme du Kremlin“ – најубавото оружје на Кремљ.

„Најдете го Шорти“ („Get Shorty“)
Откако ја изгледавме првата сезона на оваа духовита, забавна, но исто толку и тмурна криминалистичка серија, снимена врз основа на истоимениот роман и филм од 1995 година со Џон Траволта во главната улога, втората сезона, освен новите актерски имиња како Стивен Вебер, Ендру Лидс и Фелисити Хафман, носи и нови неверојатни криминалистички заплети со интересни расплети.

Да потсетиме – тоа е приказна за еден платен убиец од Невада, Мајлс Дали (Крис О’Дауд), кој се обидел да стане славен филмски продуцент во Холивуд за да го остави криминалот зад себе и да успее повторно да ја добие довербата од своето семејство. Менувајќи ја кариерата, Мајлс го запознава пропаднатиот продуцент на нискобуџетни филмови Рик Морведер (Реј Романо), кој станува негов деловен партнер. Во втората сезона, Мајлс Дали се бори за остварување на своите амбиции како филмски продуцент и семеен човек, но неговиот напредок во кариерата е загрозен кога неговиот партнер Рик се согласува да биде озвучен од ФБИ.

„Кондор“ (Condor)

Серијата е заснована на романот „Шест дена на Кондорот“ од Џејмс Грејди и го прикажува младиот аналитичар на ЦИА (Макс Ајронс), кој наидува на брилијантниот но и застрашувачки план на своите колеги кој може да убие милиони луѓе. Со оглед на тоа што неговите колеги стануваат жртви на еден атентатор, тој ќе мора сам да се справи со опасните елементи во воената индустрија. Главните улоги, покрај споменатиот Макс Ајронс, ги толкуваат Мира Сорвино, Вилијам Херт, Боб Балабан, Брендан Фрејзер и Лим Лубани. 

За најмладите
„Малата Ескимка“ (Eskimoska)
Прекрасен украински анимиран филм во којшто ги следиме авантурите на едно мало ескимско девојче на Арктикот, каде што таа секој ден оди на риболов на Малиот Залив заедно со своите пријатели Егхед и Логан. Таму истражуваат, експериментираат, ја употребуваат својата фантазија и одат на разни возбудливи авантури.

„Моланг“
Приказната за една нежна зајачица и за нејзината најдобра пријателка Пиу Пиу е идеална за малите кои тукушто почнуваат да истражуваат и да ги употребуваат своите први зборови. Единственото пријателство и заедничките авантури ќе го забавуваат и ќе го насмеат секое дете.

Нови филмски наслови

  • „Совршен ден“
  • „Кажи кога“
  • „Она чувство кога…“
  • „Дон Џон“
  • „Моќната Афродита“
  • „Средба со злото“
  • „Добредојде за Рајлиеви“
Претходна статијаHuawei прославува 10 милиони HUAWEI P20 Pro и HUAWEI P20 продадени единици на глобално ниво
Следна статијаТемната тема на YouTube за Android достапна за сите корисници