Shutterstock.com

Скоро ја изгледав и последната епизода од „Брејкинг Бед“ (по втор пат). За генералните впечатоци може да прочитате во претходниот пост. Накратко овде: веројатно една од најквалитетните серии на сите времиња. Додека уште ме држи хајпот, решив да ги излистам најдобрите пет епизоди. Секако, петте сезони имаат повеќе од пет епизоди што вреди да се најдат на листата „пет најдобри“. Дури и најлошата епизода на Брејкинг е подобра од повеќето епизоди од која било друга серија. Комотно можам да направам топ 10 листа, со епизоди која од која подобра. Но, ајде да се обидам да ги сумирам оние што имаа најголем ефект врз мене „на втора“.

(ОГРОМНИ СПОЈЛЕРИ ПОДОЛУ)

5. Сезона 4, епизода 11 – Crawl Space

Една од највпечатливите сцени од цела серија е дел од оваа епизода. При крајот на епизодата, Волтер Вајт панично се труди да стигне до дома и да ги собере парите скриени во подрум, каде што со Скајлер, неговата сопруга, чуваат мало богатство долари. Волтер се плаши за безбедноста на неговото семејство и смета дека Густаво Фринг (уште еден предобар лик) е решен да ги елиминира. Парите му се потребни за да започне нов живот. Но, планот му се руши кога дознава дека Скајлер ги дала парите на нејзин поранешен колега (Тед Бенеке), за да го извади од некоја бирократска каша. Патем, тоа е истиот бивш колега со кој Скајлер имаше романтичен однос само за да му пркоси на Волтер. Кога дознава за парите, Волтер го фаќа неверојатен бес кој бргу преминува во Џокер смеење. Во позадина оди и тензична музика која само додава на интензитетот на оваа сцена. Глумата на Брајан Кренстон овде е ништо помалку од спектакуларна.

4. Сезона 4, епизода 13 – Face Off

Толку многу битни моменти во нешто повеќе од 40 минути. После една долга и исцрпувачка соработка, Волтер Вајт и Густаво Фринг си играат „мачка и глушец“. Едниот го лови другиот, и обратно. Сето тоа кулминира во експлозија во која умира Фринг. Волтер го убедува Хектор Саламанка, еден од најголемите непријатели на Фринг (кој е во инвалидска количка, во старечки дом) да соработува со него за да го отстранат Фринг. Волтер и Хектор имаат историја, но омразата на Хектор кон Фринг победува во овој случај. После успешното изведување на еден брилијантен план, Фринг одлучува да го посети Хектор во домот. Хектор детонира бомба заврзана за неговата количка, и конечно си ја добива својата долго посакувана одмазда, а Волтер на големо се враќа во играта како Хајзенберг.

3. Сезона 3, епизода 7 – One Minute

Уште една т.н. nail-biting сцена која не искача од глава. ДЕА агентот и баџанак на Волтер Вајт, Хеннк Шрејдер, се движи кон својата кола на паркинг после напорен работен ден. Со цвеќе кое го купува за неговата сопруга, седнува во колата и добива повик и дојава дека некој е на пат да го убие. Односно, дека има една минута додека не почнал нападот. Хенк не е сигурен дали повикот е пренк или е реална закана. Поминува една минута. Го фаќа паника, но не гледа никој. Одеднаш зад него се појавува еден од морничавите близнаци кои ги запознавме во претходните епизоди. Во неверојатно тензична сцена, Хенк едвај спасува глава, но не без последици.

2. Сезона 5, епизода 16 – Felina

Финалето на Брејкинг Бед. Сите приказни се така добро сплотени што не можеш да посакаш посоодветна завршница. Волтер стана лик кој секој разумен човек го презира, дури и му посакува да умре. Во последната епизода, тоа го посакува и самиот тој. Во очекување на својот крај, тој смислува план како да спаси барем дел од својата човечност, да остави нешто за својата фамилија, и да се раздолжи со стари непријатели. Дури и конечно признава дека се што направил го направил за себеси, а не за своето семејство. Последната сцена со Џеси, каде што не прозборуваат ништо, е совршена. Некаде прочитав нешто што најубаво ја сумира оваа епизода. Одеше нешто во смисла „Повеќето одлични финалиња ни го нудат или она што сакаме да го видиме, или она што ни е потребно. За чудо, Фелина ни ги нуди и двете.“

  1. Сезона 5, епизода 14 – Ozymandias

Ozymandias е совршенство од епизода. Брејкинг има повеќе епизоди што се полни со твистови и емоционални сцени, ама оваа е преполна со такви моменти. Сцената во која Хенк му кажува на Волтер дека е готов („Ти си најпаметниот човек што го знам, а не можеш да видиш дека веќе реши што ќе прави пред 10 минути“). Обидот на Волтер да го спаси Хенк, нудејќи го целото свое богатство. Сцената со Скајлер и Волт Јуниор, во која целосно се оттуѓува со неговата фамилија. И сцената во која во солзи и се дере и заканува на Скајлер, признавајќи ги сите работи што ги направил, само за да ја спаси од затвор. Епизодата е ту мач, дури и за Брејкинг Бед стандарди.

Претходна статијаКупиКнига.мк, најголемата електронска книжарница во Македонија, го одбележува својот осми роденден со голема роденденска акција
Следна статијаПрифати го предизвикот: Остани дома и биди дел од првото online издание на Startup Weekend Skopje Covid -19