Во претходниот текст, објаснив зошто не ми се допаѓа најновата (трета) сезона на Stranger Things. Нападниот хумор и „бајатата“ приказна се дел од причините поради кои не ми остави добар впечаток.

Но, тоа не значи дека сезоната немаше и добри моменти. Во продолжение петте работи што ми се допаднаа најмногу.

Били

Во втората сезона, Били се појави како нов лик полн со агресија и омраза. Тој беше интересен додаток на стандардната екипа, а неговото ривалство со Стив беше интересно за гледање. Иако беше апсурден, неговиот лик беше харизматичен што беше причина сцените во кои се појавуваше да бидат поинтересни. Во новата сезона, наместо да продолжат со неговото прикажување како душбег, креаторите го користат Били како возило за главниот монструм. Били е асимилиран од Mind Flayer, и е задолжен да приложува нови жртви кои ќе станат дел од неговата армија. Глумецот (Dacre Montgomery) одлично ја одигра својата улога. На крајот Били има и херојски момент, што одлично ја заокружува неговата приказна.

Глумата

Ретко се среќава серија и филм од ваков калибар каде што глумата е лоша. Stranger Things не е исклучокот. Сите се одлични. Го спомнав ликот на Били, но реално не можам да се сетам на некој лик што разочара. Би ги издвоил уште и Винона Рајдер и Мили Боби Браун како глумци што растурија во оваа сезона.

Музиката

Уште од првата сезона, серијата ме доби со саундтракот. Ретро и амбиенталните звуци совршено се вклопуваа во целокупниот тон на серијата. Иако музиката во третата сезона беше помалку впечатлива од другите сезони, неколку сцени ми оставија предобар впечаток баш поради музиката во позадина (пр. една од последните сцени, кога се случуваат сите „тешки“ моменти). Ако сакате да знаете на што мислам кога зборувам за саундтракот, ислушајте го ова.

Предизвиците на главните ликови

Иако често беа гласни и annoying, главните ликови се соочуваа со предизвик: како да пораснат, а притоа да не се изгубат едни со други. Мислам дека овој предизвик беше добро прикажан во серијата. Сите стравови и предизвици со кои треба да се носат ликовите и сите тешки одлуки што треба да ги направат беше една од светлите точки на третата сезона.

Крајот

Без оглед што целокупниот впечаток за сезоната ми беше негативен, последната епизода, односно начинот на кој заврши сезоната беше фантастичен. Ми се допаднаа сцените, дејството, што се случи со ликовите и како сето тоа беше режирано. Имаше среќни, тажни и хорор елементи. Крајот беше одличен, a oсмата и последна епизода е убедливо најдобрата.

Конечна оценка на сезоната: 7/10

Претходна статијаShoelace е нов обид на Google во друштвените мрежи
Следна статијаОткриени нови и подобрени верзии од познатиот софтвер за шпионирање FinFisher за Android и iOS