Публиката која го наполни Спортскиот центар „Борис Трајковски“ сведочеше на еден од најинтересните мигови од шампионатот IDO World Hip-Hop Championship & Street Dance Show 2024, кој вчера официјално беше отворен со спектакуларно шоу.
Ревијалниот дел на сите земји учеснички кои се дел од овогодинешното издание на светскиот шампионат чиј домаќин е Македонија, беше крунисан со врвни перформанси и ПАРАДАТА НА НАЦИИ – каде имавме можност да ги видиме сите учесници од оваа година.
Неверојатна бројка од 5000 танчери кои ќе се натпреваруваат во дисциплините „хип хоп“ и „стрит денс шоу“ на спектакуларниот шампионат, ги претставија своите држави и добија огромна поддршка од публиката.
„Ова е посебен момент за Македонија, бидејќи го имаме задоволството да бидеме домаќини на еден од најпрестижните настани во светот на хип-хопот. Скопје, со својата богата историја и културна разновидност, денес станува центар на светскиот хип-хоп, каде што учесници од целиот свет се обединуваат преку танц, креативност и заедништво. Овој шампионат е платформа на која младите ги демонстрираат своите таленти, инспирираат и градат мостови меѓу различни култури. Од името на министерството за спорт, министерот Борко Ристовски и од мое лично име сакам да ја изразам нашата длабока поддршка за сите учесници. Вашата посветеност и страст кон хип-хопот не само што се инспиративни, туку претставуваат и симбол на глобално обединување преку уметноста и спортот.“ – изјави Државниот Секретар на Министерството за спорт и туризам, Сашо Огњеновски, кој имаше говор на официјалното отворање.
На спектакуларното отворање се обрати и Трајче Петковски, организатор на настанот, потпретседател за маркетинг и комуникации на Интернационалната Танцова Организација (IDO – International Dance Organization), претседател на Македонската танцова федерација и основач на „Брејк а Лег“ кој ги прогласи сите учесници за вистински победници и повторно им посака добредојде во Скопје, на сите љубители на танцот кои отпатуваа од најразлични краеви на светот.
Првенството претставува хармонија на енергија, креативност и танцови вештини, што придонесе за позитивен дух и меѓународен престиж за нашата држава – со што Македонија уште еднаш покажа дека може да организира настани од светски калибар и да биде еден од клучните играчи во светот на уметноста. Ова е настан кој не само што претставува одлична можност за промоција на нашата култура и традиција пред меѓународната публика, туку и силен поттик за развој на танцовата индустрија во Македонија.
IDO World Hip-Hop Championship & Street Dance Show 2024 ќе продолжува да ги воодушевува љубителите и во следните пет дена со натпреварите што следуваат, со што Скопје ќе продолжи да пулсира во ритамот на хип хоп музиката.
Погледнете како изгледаше дел од официјалното отворање: