Warner Bros

Никогаш не сум бил некој голем фан на Спајдермен, ама па отсекогаш ми била забавна франшиза за следење. Тоа е серијал што е толку многу пати оживуван за „следната“ генерација што веќе ме заморува да го гледам истото секој пат од почеток.

И покрај морето од публицитет што го доби лани „Далеку од дома“, еден друг филм со суперхерој ги „издрибла“ сите пречки и се наметна како еден од најдобрите вакви филмови за 2019 година. Шазам (Shazam).

Овие два филмови ги изгледав во еден викенд. Ми оставија многу различен впечаток. Шазам е приказна за еден тинејџер кој што поминува низ тешко и проблематично детство. Како што налагаат правилата во вакви филмови, главниот херој „случајно“ се втурнува во опасност и од обичен тинејџер станува суштество со натприродни моќи. Тој ги наследува моќите на еден волшебник и добива задача да го штити светот од злото. Волшебникот е пред умирање и мора да најде некоја „чиста“ душа која може да го носи овој товар. Очигледно, таа душа е во телото на еден проблематичен тинејџер.

Она што е интересно тука е што кога ги добива моќите, тинејџерот се претвора во возрасен маж со смешен суперхеројски костим. Во оваа форма тој се движи низ светот чувствувајќи дека може да направи се (филмот е сместен во DC универзумот, така да луѓето не се изненадени кога ќе видат суперхерој како се вози во метро). Но, како што тој е повикан да се бори за доброто, така еден друг човек е избран да го сее злото. Ова го поставува темелот за епска битка помеѓу Шазам и неговиот антагонист.

Шазам изобилува со добар хумор и одлични актерски перформанси. Иако главниот херој е возрасен маж, тој внатре е само еден обичен тинејџер и така мора и да се однесува. Закари Леви го доловува тоа одлично. Неговата хемија со Фреди, неговиот најдобар другар, е една од светлите точки на филмот (тој имаше и одлична улога во IT серијалот).

Каков е во споредба со Спајдермен?

Подобар во речиси секој поглед. Спајдермен: Далеку од дома е еден вообичаен, да не речам по малку досаден суперхеројски филм. Класичен летен блокбастер. Нема ништо премногу возбудливо, а хуморот е „over the top“ и на моменти детинест. Во споредба, хуморот во Шазам, иако детинест, делува повеќе осмислен и искрен, ако тоа прави смисла.

Сепак, Том Холанд е најдобриот Спајдермен досега. Далеку од дома има еден интересен твист што малку го вади филмот. Исто така, една од поглавните улоги е на Џејк Гиленхајл, а каде и да се појави тој го вади максимумот од улогата. Така е и овде. Еден од најдобрите глумци во моментов.

Значи, ако ти се гледа добар филм со суперхерои, а бараш нешто малку поразлично од стандардните блокбастери, провери го Шазам, го заслужува твоето внимание.

Претходна статијаОсвежи го својот лаптоп со налепница од Decal.mk
Следна статијаДали сте заштитени од Cyber напади?