Скопје, 01.02.2022 – Поминаа 6 години откако македонски претставник на Евровизија за последен пат се претстави и пееше на македонски јазик пред европската и светската јавност. Тоа беше Калиопи со македонската изведба на „Дона“ во склоп на Евровизија 2016.

Вчера, пејачката Лара Иванова ги изненади своите фанови и јавност со објавување на lyrics-видео на македонската, а воедно и оригинална  верзија на песната “Flower of sorrow”, со којашто моментално се натпреварува во изборот на македонски претставник на Евровизија 2022. Македонскиот наслов на песната на Лара е „Цвеќе на тагата“, а видеото е достапно на официјалниот YouTube канал на Лара, LARA – Cveke na tagata (Flower of Sorrow – Macedonian lyrics video)  https://youtu.be/ykRnt0nULF8.

Видеото прикажува модерен пристап, со препознатлив стил најмногу кога се во прашање lyrics видеата на странските ѕвезди. Веќе се појавија голем број на коментари дека песната звучи уште подобро и помоќно кога е испеана на македонски јазик, како и дека истото овозможува доловување на автентичност на самата песна и пораката што се пренесува.

„Со македонската оригинална верзија на песната, сакав да покажам дека може да се пее и на повеќе од еден јазик, како и дека и јас умеам да пеам и на двата јазици, но дека сепак мајчиниот јазик ѝ дава душа на нашата музика. Истото за мене претставува посебна инспирација за интерпретација на емоциите во секоја моја песна. Не ми е примарна цел, но би сакала секако да победам на Евровизија, но пред сè најважно ми е да добијам шанса достоинствено да ја претставувам Македонија и македонскиот јазик и музика. Ако публиката ми ја даде поддршката и довербата преку глас на платформата на МТВ, по шест години по настапот на Калиопи, лично имам желба да го продолжам паузираниот тренд и да запеам повторно на македонски јазик пред цел свет и Европа, без разлика дали во склоп на целата песна или во комбинирана верзија. Заедно со тимот ќе го слушнеме гласот на публиката и ќе одлучиме околу финалниот настап, секако доколку бидам избрана,” изјави Лара.

Музиката на песната „Цвеќе на тагата“ (“Flower of sorrow) е на Роберт Билбилов, а заедно со Дарко Димитров се вклучува и со заеднички аранжман. Текстот на песната е на Робин Зимбаков.

Гласањето за македонски претставник на Евровизија трае сè до 04.02.2022 година на следниот линк: https://evrovizija.mrt.com.mk/.

Претходна статијаMicrosoft препорачува компјутерите подолго време да се вклучени и поврзани за навремено да бидат ажурирани
Следна статијаСега е вистинско време да купите Samsung апарати за домаќинство