Хорор – акцијата „Предатор“ во 3Д и крими филмот „Слатка мала тајна“ со Ана Кендрик во главната улога од утре (13 септември) ќе бидат на репертоарот на кино „Милениум“ во Скопје. Публиката ќе може да ги погледне и анимираниот „Луис и вонземјаните“, семејната комедија „Моето куче Патрик“ додека само во сабота и недела во 11 часот ќе игра цртаниот филм „Хотел Трансилванија 3: Одморите почнуваат“.

Во 20 часот ќе се прикажува „Слатка мала тајна“ со Ана Кендрик, Блејк Лајвли, Хенри Голдинг и други. Филмот ја следи мајката влогерка, Стефани Вард и нејзината најдобра пријателка, гламурозната Емили Нелсон, која еден ден исчезнува, откако ќе ја замоли Стефани да го земе нејзиниот син од училиште. Стефани во истиот миг се обидува да ја открие вистината за исчезнувањето на нејзината најдобра пријателка. Таа се здружува со мажот на Емили и набргу почнува да се прашува дали ја познава својата најдобра пријателка толку добро.

Секој ден во 22 часот ќе има 3Д проекција на „Предатор“ во кој главните улоги ги толкуваат: Бојд Холбрук, Треванте Роуд, Џејкоб Тремблеј и Киган – Мајкл Кеј. Едно момче ќе донесе вонземјани на Земјата откако ќе најде далечински управувач за вселенски брод и ќе помисли дека е играчка. Веднаш потоа се појавуваат најсмртоносните ловци во вселената – Предаторите. Сега уште посилни, поинтелигентни и посмртоносни од кога и да е, со генетски унапредена ДНК од други видови, тие повторно претставуваат закана за човештвото. Само тимот од поранешни војници и еден хемичар ќе може да го спречат бришењето на човечкиот род.

Анимираниот филм „Луис и вонземјаните” во работните денови ќе се прикажува во 15 часот, а за викендите во 13.30. Се зборува за едно 11-годишно момче кое се спријателува со три мали вонземјани чие НЛО се урива врз неговата куќа. Филмот „Моето куче Патрик“ е наменет за целото семејство и ќе игра секој ден во 17.30 часот. Сара е млада жена чиј живот е во хаос. Последното нешто што ѝ е потребно е да се грижи за некој друг. Но, нејзината баба ѝ остава размазено куче. Сигурно има причина зошто …

„Хотел Трансилванија 3: Одморите почнуваат“ се прикажува само во сабота и недела во 11 часот. Овој пат невообичаеното семејство тргнува на одмор каде грофот Дракула почнува и романтична врска. Гласовите во анимираниот филм ги позајмуваат: Адам Сендлер, Селена Гомез, Енди Самберг и други.

Билетите за 3Д проекцијата на „Предатор“ чинат 200 денари додека за сите останати филмови е 150 денари.

Претходна статијаПобеднички фотографии што го изненадија жирито на Huawei Next Image натпреварот
Следна статијаSamsung отвори нов Центар за вештачка интелигенција во Њујорк