Откако ја изгледавме првата сезона од оваа духовита, забавна но исто толку и мрачна криминалистичка серија, која се темели на истоимениот роман и филм со Џон Траволта во главната улога од 1995 година, втората сезона, освен новите актерски имиња како што се Стивен Вебер, Ендру Лидс, Фелисити Хафман, носи и неверојатни криминалистички заплети со таинствени расплети.

Да се потсетиме – тоа е приказна за платениот убиец од Невада Мајлс Дели (Крис О’Дауд), кој се обидува да стане славен филмски продуцент во Холивуд за да го остави криминалот зад себе и да успее повторно да ја добие довербата на своето семејство. Менувајќи ја кариерата, Мајлс запознава еден пропаднат продуцент на нискобуџетни филмови, Рик Морведер (Реј Романо), кој станува негов деловен партнер.

„Сакам да играм чудовишта и ужасни карактери, тоа отсекогаш ме привлекувало“, рече Крис О’Дауд и додаде: „Иако никогаш не сум бил обожавател на насилство и не се чувствувам пријатно додека гледам насилство. Така што серијава понекогаш беше тешка за работа. Сепак не мислам дека Мајлс е природно насилен лик. Тој се обидува да биде ненасилен и да се чувствува добро кога е тоа возможно.“

Во втората сезона, Мајлс Дели се бори да ги оствари своите амбиции како продуцент на филмови и семеен човек, но напредокот во кариерата му е загрозен кога неговиот партнер Рик се согласува ФБИ да го користи за прислушување.

Повалкано и понасилно од филмот

Реј Романо, кого пошироката публика го познава од хумористичната серија „Сите го сакаат Рејмонд“, за својата улога во серијата изјави:

„Забавно е да играш човек што е по малку очаен, напатен и анксиозен – затоа што сите ние сме по малку такви. Голем обожавател сум на филмот „Најдете го Шорти“, но ова беше поинакво од филмот, а и повалкано.

Сега малку повеќе сум навлезен во човечките драми. Но, секако, сакам и комедии, па спојот на тие два жанра за мене е одлична работа. А сите знаеме колку е тешко тоа да се постигне.“

Сите актери се согласуваат во едно – во споредба со филмот, серијата е многу повалкана и понасилна.
„Замислете да го посетувате истиот бар во различно време од денот. Филмот е како да одиш во бар во сабота навечер, кога сите се во своето најдобро издание, како и самиот бар. Ние, односно серијата, доаѓа во четврток, во 3 наутро, кога подот е леплив, кога се карате со девојката, а баш сега треба да пристигне и сметката што не можете да ја платите“, изјави Крис О’Дауд.

Новите епизоди од втората сезона на оваа мрачна но забавна криминалистичка серија, гледајте ги секој понеделник од 24 септември, веднаш по премиерното прикажување во Америка – само на Пикбокс.

Претходна статијаИнтервју со Фросина Стаматоска од Симфони Солушнс
Следна статијаДостапна финалната верзија од macOS Mojave за сите корисници