Уште неколку дена нѐ делат до возбудливата премиера на петтата сезона на „Викинзи“, серија што добива многу пофалби и е посветена на најпознатите имиња од нордиската митологија и историја. За новостите во петтата сезона поразговаравме со Мајкл Хирст, творецот и сценаристот на серијата „Викинзи“. Ексклузивната премиера во регионот ќе можете да ја следите уште во четврток на стриминг-сервисот Pickbox.

Петтата сезона на „Викинзи“ си поигрува со идејата за политичката приврзаност, склопувањето и кршењето на сојузничките договори, но и со гледањето на сопствената корист за сметка на општествената. Хирст откри дека сето ова ќе обезбеди интересна, напната и динамична сезона во која нема да недостига добра приказна:

„Има многу приказни. Во сезоната се случуваат многу работи кои се поклопуваат со вистинскиот начин на функционирање на викиншкото општество. Треба да се има на ум и дека во тоа време немало посебни држави, туку само мали, независни кралства кои постојано биле во војна.“

Тоа што е заедничко во четвртата и петтата сезона е фокусот на семејството на Рагнар, но во петтата сезона го сретнуваме разединето, завојувано и раскарано. Двајца браќа тргнуваат секој на својата страна на светот и се обидуваат да освојат колку е можно поголема територија. Едниот оди до Медитеранот и Тунис, другиот до Исланд. Ширењето на новите географски подрачја секако е еден од главните мотиви на петтата сезона, но новата локација на снимањето воопшто не е дел од креативниот процес, туку е поврзана со реалните настани. Хирст напоменува:

„Влијанието на викинзите стигнало на многу места! Замислете колку мали биле тие кралства, а колкаво влијание имале врз светот! Ако има нешто што се случило низ историјата, секако сакам тоа да го искористам во моите серии, а тоа го правиме со ’Викинзи‘.“

Новата сезона ќе донесе натприродни елементи во облик на нордиските богови, но разликата помеѓу визиите и јавето ќе биде очигледна.

Најатрактивен нов лик во сезоната секако е бискупот Хемунд кој го игра одличниот Џонатан Маерс, со кого Хирст веќе имаше можност да соработува на „Тудори“. Хемунд е историска личност, Саксонец и припадник на групата бискупи-воини кои се натпреваруваат со темпларите, а во приказната се вклопува совршено:

„Кога успеавме во историските извори да го најдеме бискупот Хемунд, најдовме саксонски воин кој може да им се спротивстави на Ивар, Бјорн и другите викинзи. Некој предложи дека мора да го игра Џонатан Рис Маерс, што за мене беше одлично затоа што Џонатан, исто како и бискупот, е страстен и интензивен. Сакав во новата сезона на „Викинзи“ да го покажам и паганскиот фундаментализам за да може гледачите да разберат дека паганизмот бил вистинска религија во која некои длабоко верувале. Тоа ќе го видиме и на примерот на Флоки. Бискупот Хемунд и Флоки, всушност, се длабоки верници на различни религии што ги тераат на слични дејства.“ 

На Pickbox се достапни четири сезони од „Викинзи“, а 1,5-часовната премиера на петтата сезона на „Викинзи“ е закажана за четврток, 30.11., каде што ќе можете да ги гледате и другите епизоди на овој епски историски спектакл – само по неколку часа од американската премиера.

Претходна статијаMicrosoft почна да го продава Galaxy Note 8 во своите продавници
Следна статијаBMW развива патишта за електрични велосипеди со вештачка интелигенција