Кога постои слобода, општеството – дали преку пазарниот или граѓанскиот механизам – преку своите доброволни интеракции наоѓа решенија на проблемите кои самото ги создава. Со два збора – и видео, спонтан поредок.

Патем, бумот на колумни од типот на „10 работи кои …“ или листи со „топ 5 филмови кои …“ и сл., е едно од решенијата на т.н. paradox of choice. За што станува збор? Во 2004 година, американскиот психолог Barry Schwartz објавува контра-интиутивно дело The Paradox of Choice – Why More is Less во кое ја изложува својата теза.

Ако ве мрзи да го гледате видеото, едноставно кажано, кога имаме голем број опции, парадоксално, имаме тешкотии да направиме избор. Се парализираме, па често не избираме ништо. Или, уште полошо, евалуирајќи ги сите можни алтернативи, често не сме среќни со она што сме го избрале бидејќи се прашуваме дали сме ја избрале најдобрата опција.

Оттука и колумните од типот на „5 работи кои …“.

Оттука и оваа колумна – мојот придонес да те „ослободам“ од товарот да избираш кои кратки СФ раскази ќе ги прочиташ ако имаш 10 минути слободно време.

  1. Helen O’Loy.

Прво па … љубовна приказна … поточно, љубовен триаголник. Помеѓу двајца научници и домаќинка (ок, можев да кажам и двајца пријатели и жена, ама вака газам на нерв на феминистки) … домаќинка-робот. Се разбира, направена од мажи. Хм, да не е расказов сексистички? Се зезам.

Станува збор за не-толку класичен љубовен триаголник, приказна во која се допрени темите на вештачка интелегенција, пријателство, верност, љубов. Секако, како секое добро дело кое треба да сте навистина махер за да го опишете на кратко а да не му направите контра-услуга, стилот и flow-то на авторот е чиста 10-ка.

Lester Del Rey за прв пат го објавува овој прекрасен краток СФ расказ (поточно, љубовна драма – со робот) во 1938 година. Во 1970-та е избран како еден од најдобрите кратки СФ раскази во своето време и се најде во првото издание на The Science Fiction Hall of Fame, Vol. 1, 1929-1964.

  1. That Ony A Mother

Ова е уште еден расказ од „тоа време“ (ерата пред Небула наградите) и дел од првото издание на The Science Fiction Hall of Fame, Vol. 1, 1929-1964. Објавен во 1948 година, ова е прв расказ на Judith Merril, влијателен автор во светот на научната фантастика, а и anti-war политички активист.

Вообичаено за тој период, голем број СФ автори преку своите раскази ја проектирале општата загриженост од можност за нуклеарна војна.  Така и во That Only a Mother – вознемирувачки но преубав расказ за моќта на љубовта помеѓу мајка и дете раскажана во околности на имагинарна Трета светска војна (во 1953 година).

  1. Geever’s Flight

Искрено, не сум сигурен дали го обожавам или го мразам овој расказ од Charles E. Fritch. Не сум најсигурен за пораката – дали е слободарска или пак догматична. Прочитај го, види како ти звучи.

За следните два раскази кои одлучив да се најдат во оваа „топ 5 листа“, му отстапувам простор на колегата Бојан Георгиевски.

———

Понизно благодарам колега Богевски што дозволуваш да упаднам во твојот напис. Еве го и мојот избор.

  1. The Egg

Andy Weir, писателот зад овој расказ, направи парче со својата книга „Марсовецот“ (да, според која е снимен и филмот со Мет Дејмон – кој е фантастичен). Претходно, тој има пишувано повеќе кратки раскази на својот блог „Галактанет“.

Еден од тие раскази е и The Egg, прилично кратка приказна (околу 1000 зборови) во која Weir ни прикажува разговор помеѓу штотуку умрен човек и неговиот „создавач“. The Egg превртува некои концепти наопаку, како што е традиционалната замисла за Господ, а задира и во теми како емпатија и златното правило (не го прави на другите она што не сакаш да ти го прават на тебе). Пораката е проста, но е порака што вреди да се повторува.

Не е лошо да го изгледаш и краткиот филм снимен по неа.

  1. The Veldt

Можеби најдобриот расказ што сум го прочитал. Кога ќе помислиш дека Ray Bradbury ја напишал The Veldt во 1950 година ти станува јасно зошто човекот е сметан за гениј. Да е напишана и денес ќе биде еднакво релевантна.

Вирутелна реалност, паметни домови и нездравата опсесија на луѓето со технологијата се појави што се актуелни денес, а за кои Bradbury пишува пред повеќе од половина век. Згора на се, мрачниот твист на крај ќе ве вџаши. Сериозно.

Предлози за да конкурираат на нашава листа?

Претходна статијаMotorola Droid Turbo 2 – Телефонот на кој нема да може да му го скршите екранот
Следна статијаНова апликација за iPhone може да мери тежина со помош на 3D Touch, но инстантно е исфрлена од App Store