Ретко кој акционен филмски серијал се надминува себеси во креирање на возбудливи и неверојатно опасни сцени како што тоа го прави „Невозможна мисија“.

Секој нареден филм нуди нешто спектакуларно, притоа успевајќи да не се претвори во обичен летен филм кој нуди само безмозочна забава.

Fallout е најдобриот филм во целиот серијал, што е огромен комплимент имајќи предвид дека првиот филм излезе пред повеќе од две децении.

Том Круз е лудак

Том Круз отсекогаш навлекувал внимание од различни причини (како кога скокаше на кауч кај Опра – или пак со неговата лојалност кон Скиентологијата).

Сепак, не можам да не се восхитувам на неговата желба постојано да се става под ризик, правејќи подвизи кои што не ги прават негови далеку помлади колеги кои исто така глумат во акциони филмови.

Поради автентичноста на сцените и на Том Круз, неговите филмови се поврзуваат полесно со публиката, а токму тоа е и намерата на човекот.

А кога сме кај акционите сцени, слободно можам да кажам дека филмот е, и ќе остане најдобар акционен филм во последните неколку години. Дури, би рекол дека заслужува да биде ставен во група со општо најдобрите филмови на годината.

Филмот не губи време и од самиот почеток не втурнува во акција. Во секоја наредна сцена адреналинот расте. Од HALO (high altitude low opening) скокот од авион, брканицата со мотори низ Париз, и лудата брканица со хеликоптери, Последици постојано си игра со вашиот кортизол. Една од моите омилени сцени е борбата во тоалетот која е беспрекорно изведена и ме потсеќа на познатата сцена во Вистински лаги.

Се разбира, од Невозможна мисија не може да се очекува извонреден заплет или комплексна приказна. Приказната во последниот е слична со таа од повеќето делови на серијалот. Закана кон глобалната безбедност од страна на терорист гениј кој се обидуваат да го спречат Том Круз „и компанија“.

Меѓутоа, и покрај едноставната приказна, филмот е преполн со квалитетно изработени и луди акциони сцени кои се секогаш одглумени лично од Том Круз. Во една сцена во која скока од една на друга зграда, Круз го скршил својот скочен зглоб. Лекарите му соопштиле дека тој повеќе нема да може да трча. Круз трчал спринтови за шест недели од тој ден, и филмот бил комплетиран.

Кон крајот, веќе бев истоштен од огромната возбуда која ја нуди филмот. Но, ќе бев среќен да траеше и пет часа, наместо два и пол. А тоа е еден од најголемите комплименти што можат да се дадат на еден филм.

Како тргнале, наредниот ќе биде уште повозбудлив, што само по себе е невозможна мисија.

Претходна статијаGoogle Chrome доби поддршка за системот за известувања на Windows 10
Следна статијаSamsung го претстави Galaxy Note 9 – телефон кој ги подига стандардите за перформанси и моќ, повторно