Музиката е поврзана со филмот на предлабоко ниво. Квалитетниот „саундтрак„ често го прави искуството на гледање на добар филм покомплетно. Сетете се на музиката на Хауард Шор која тој ја композираше за Господарот на прстените. Или на музиката од Гладијатор. Погледнете ја следнава сцена од Војна на ѕвездите: Нова надеж.

И покрај тоа што е визуелно спектакуларна, оваа сцена е далеку побогата поради генијалниот скор на Џон Вилијамс. Ако ја гледаме на mute, тоа што ќе ни остане во сеќавање е тагата на Лук Скајвокер која тој ја чувствува поради загубата на своите родители. Но, поради неговата музика, го претчуствуваме создавањето на еден херој.

Првата и последната сцена од Arrival се проследени со истата музика – On the nature of Daylight на Макс Рихтер (една од најемотивните композиции некогаш направени).

Овие сцени се мајсторски изведени од страна на режисерот. Меѓутоа, за навистина да ја „почувствуваме“ сцената е заслужна музиката, која ги нагласува емоциите кои режисерот сака да ги чувствуваме. Просто кажано, филмот оживува преку саундтракот.

Тоа не значи дека филм кој нема саундтрак не може да предизвика емоции кај гледачите. Постојат сцени кои се неверојатно добро одглумени и монтирани на кои не може да останеме рамнодушни. Но, речиси секогаш музиката е сојузник на глумецот, но и на режисерот. Погледнете ја следнава сцена од Shutter Island.

Што да се каже за ова ремек дело? Леонардо Ди Каприо и Мишел Вилијамс покажуваат зошто се едни од најдобрите. А уште еднаш, звуците на On the Nature of Daylight ја прават оваа сцена срцепарателна.

Создавањето на филмски саундтрак е уметност сама по себе. Постојат филмови кои многу губат поради отсуството на ефективна музика. Но, кога се работи за гиганти како Цимер, Вилијамс, Рихтер и други мајстори на филмската музика, барем знаеме дека нашите сетила за слух се во сигурни раце.

Претходна статијаВистина или лага? „Брзав за да стигнам навреме“
Следна статијаКако ќе изгледа Македонија во 2030 година?