После изгледани цели три сезони, можам слободно да кажам дека The Office е најдобрата ТВ комедија некогаш направена. Да, постојат легендарни серии како Сајнфелд, Пријатели, Фрејзер и др. но Канцеларијата е ненадминлива.

Легендарниот Мајкл Скот

Повеќе работи се издвојуваат од Офис, ама шефот на Дандер Мифлин, Мајкл Скот, е најголемиот хајлајт. Човекот е премногу добро одглумен од Стив Карел, а Скот е предобро напишан лик. Сигурно еден од најавтентичните и најсмешни ликови кои се појавиле на кој било екран во која било големина. Во еден момент, се шокираш од глупоста што искача од неговата уста. Во наредниот, ти паѓа жал од неговата наивност. После си изненаден од неговата самодоверба и снаодливост во одредени ситуации. Сето тоа прекрасно изведено од Карел.

Останатите ликови се исто предобри

Буцкото Кевин, Тоби од човечки ресурси, Пам и Џим, легендарниот Двајт Шрут и другите ликови имаат неверојатна хемија. Секој од нив е предобро разработен и совршено кастиран. Можеш ли да замислиш некој друг во улога на Двајт? Неговите кавги со Џим се еден од поинтересните елементи на серијата. Кога во коктелот ќе ги додадеш и Анџела, Филис, језивиот Крид, Енди и Стенли, добиваш еден од најлудите ансамбли на сите времиња.

Нема шанси ваква серија да се снима во денешно време

Едноставно нема теорија дури ни нешто приближно како Офис да биде снимано денес, без да биде крволочно нападнато од безброј (навредени) страни. Којзнае колку кариери ќе беа „откажани“ Офис да излезеше во последниве две-три години. Карел сигурно немаше да ја има кариерата што ја има денес, креаторите ќе мораа да се извинуваат лево-десно, сценаристите ќе беа палени живи на клада, а во некоја затуцана канцеларија вработените ќе требаше да слушаат серија предавања баш какви што Мајкл Скот обожава да држи. Дури и самиот Карел изјави дека Офис не би имала шанси денес. И токму тоа ја прави Офис автентична.

Ако не сте ја гледале Офис, време е да почнете. Не сте свесни што пропуштате. Ако веќе сте ја гледале, зошто да не го посетите Скрентон по втор пат?

https://youtu.be/Q5erikYaD8Y
Претходна статијаСкопскиот стартап DishWish ќе Ве храни здраво додека сте на работа или дома
Следна статијаЗапочна продажбата на новите премиум безжични слушалки HUAWEI FREEBUDS 3 во Македонија