Не можам да се пофалам дека гледав многу филмови во годинава што заминува. Од добрите: меѓу подобрите беа Сикарио 2 (кратка рецензија тука) и Наследно (еден од најморничавите филмови што сум ги гледал). Creed 2 е прилично добар филм, но според мене првиот дел е далеку поефективен.

Од лошите: вториот дел на Пацифик Рим беше филм кој треба да остане во заборав. 

Наместо филмови, вниманието повеќе ми беше посветено на серии. Така дознав за Final Space, една од најдобрите анимирани серии (читам добри работи за F is for Family но не сум стигнал да ја гледам). Третата сезона на Daredevil беше феноменална.

И покрај тоа, не чека доста добра забава во наредните неколку месеци. Подолу се трејлери за филмови и серии што јас би сакал да ги гледам.

Brightburn

Што ако Супермен испаднеше злобен манијак, наместо суперхерој кој го спасува човештвото од катастрофи?

Филмов се занимава токму со тоа прашање. Прилично различна насока од класичната приказна за човекот со двоен идентитет. Ова ветува, и е нешто што е на мојата „must see“ листа за наредниот период. 

True Detective (сезона 3)

Првата сезона беше мега-популарна, и прилично квалитетна. Имаше извонреден кастинг (Вуди Харелсон и Метју Меконахи растурија). Приказната беше мистериозна и флертуваше со натприродното на Ловкрафтијански начин. 

Втората сезона разочара. Тргнувајќи од приказната и тоа што креаторите се обидоа да ја пресликаат истата атмосфера од првата сезона, без да ги надградат другите сегменти од серијата.

Наскоро излегува и третата сезона, која се чини дека ќе го врати шоуто на правата патека. 

The Umbrella Academy (сезона 1)

Серија на Нетфликс што ќе излезе во февруари. Се работи за школа за суперхерои или лица со натприродни моќи. Она што делува дека ќе биде интересно е тоа што не изгледа како класична суперхеројска приказна.

Потсеќа на подобрена верзија на Suicide Squad (забелешка: ми требаше долго време да се сетам на насловот на еден од најдосадните филмови за суперхерои). 

Годзила 2

Кој не сака да гледа филмови со гигантски рептили и чудовишта што сакаат да го уништат светот? Годзила е во прашање, нема потреба од дополнително објаснување.

Претходна статијаInstagram ја сумираше 2018 со неколку статистики од друштвената мрежа
Следна статија„Баг“ во Facebook има дозволено пристап до сликите од корисниците до кои не треба да има пристап