Уште од својата прва сезона, Daredevil се наметна како една од најдобрите серии кои се креирани од Марвел. Иако оттогаш се појавија неколку интересни серии како Jessica Jones, Luce Cage и помалку интересната Iron Fist (слушам добри зборови за втората сезона), според мене Daredevil е глава и раменици над сите нив.

Приказната за Мет Мурдок, слеп адвокат (чии останати сетила се натприродно развиени) кој мора да стане „Ѓаволот“ за да го спаси својот град од тонење во пеколот има се што треба да содржи една добра акциона драма.

Одлична глума, солидна приказна, има мрачен амбиент и изгледа фантастично. Акционите сцени се исто така феноменални. Негативецот е одлично склопен лик.

Третата сезона е досега најмрачната од сите. Дејствието е поделено помеѓу трите ликови кои најчесто ги гледавме заедно во првите две сезони. Приказната во оваа сезона ме потсеќа на чудна мешавина од приказната во Batman Begins и Dark Knight Rises.

На некој начин, Мет ги преиспитува своите досегашни одлуки и убедувања. Тој исто така се соочува со своите внатрешни демони и мора да помине низ тежок пат за повторно да стане човекот од претходно, само подобар. Тоа го носи кон мрачни патишта и компромиси кои вообичаено не би ги направил.

Во првата сезона Daredevil воодушеви со „сцената во ходникот“, снимена во еден кадар.

Има една сцена во епизода 4 од новата сезона (која трае 11 минути!), во која Мет се обидува да излезе од затвор. И е апсолутно феноменална и се надградува на сцената во сезона 1 на секој можен начин.

Целата сезона вреди да се гледа само за таа една сцена. Но, ако почнете со гледање, сигурно нема да се задржите само на една епизода.

Претходна статијаДолгоочекуваниот паметен телефон Huawei Mate 20 Pro достапен и во Македонија
Следна статијаQLED телевизори во Македонија – каков е изборот и што да купите