Ретко е да се погледне филм од жанрот научна-фантастика кој мајсторски ќе искомбинира трилер, драма и хорор а притоа да поттикне на размислување. Од современите, такви се Arrival, Blade Runner 2049 и Ex Machina, помеѓу другите. Annihilation дефинитивно припаѓа на оваа група филмови.

Режисерот Алекс Гарланд за прв пат се појави на мојот радар со Ex Machina (2015), еден од најдобрите НФ филмови кои сум ги гледал последниве неколку години. Поради тоа, имав високи очекувања за Annihilation, кој не само што ги исполни, туку истите далеку ги надмина.

Како и во Arrival, и во овој филм се соочуваме со навидум спојлери во почетните сцени. Како и во Arrival, и овде истото не одзема ништо од приказната, туку е дел од наративот.

На почетокот ја гледаме Натали Портман, опкружена од работници во лабораторија. Сфаќаме дека таа е единствената преживеана од група на научници испратена да истражи натприроден феномен (“The Shimmer”).

Овој феномен се појавува на место каде што удрил метеор и оттогаш постојано расте, заканувајќи се да ја „проголта“ цела земја (ќе има повеќе смисла кога ќе го изгледате). Повеќе експедиции биле испратени да собираат податоци за мистериозната појава, но сите исчезнуваат.

Annihilation се занимава со повеќе теми. Една од главните е самоуништувањето кон кое тежнееме, како на глобално така и на индивидуално ниво. Ликовите во филмот се „измачени души“ а секој нивни нареден потег ги носи поблиску до пропаста.

Очигледно е дека режисерот има слични пораки да пренесе и за човечкото уништување на животната средина, и катастрофалните последици што би можеле да следат.

Во основа, Annihilation се занимава со животот и неговите различни форми, како и човечките мотивации за сигурност и желбата за разбирање на своето опкружување.

Но, ова е само мало парче од убавината на овој филм. Визуелно изгледа како бајка, и треба да се гледа на поголем екран за максимално да се искусат сите ефекти со кои е создаден.

Image result for annihilation beautiful

Глумата е одлична, а саундтракот е trippy на најдобар можен начин (еве пример).

Annihilation e eден од најдобрите НФ филмови што некогаш сум ги гледал, и е филм за кој ќе зборувате и ќе размислувате долго откако ќе го изгледате.

Претходна статијаМакедонската компанија за развој на софтверски продукти Интертек разви уникатен софтвер за транспортните компании
Следна статијаCortana е уште еден производ од Microsoft којшто не успеа да се пробие на пазарот