Volocopter го направи својот прв тест лет на аеродромот во Хелсинки интегриран со системот за контрола на летање

Тестот покажува како овие летала ќе може да функционираат без проблеми заедно со останатите летала на аеродромите и околу градовите

Volocopter, германската компанија која веќе 8 години развива летало налик на голем дрон, го имаше и својот прв тест лет на официјален аеродром. Летот беше направен минатиот петок на аеродромот во Хелсинки.

Главната работа од овој тест лет беше што леталото било целосно интегрирано со системот за контрола на летови на аеродромот, нешто што секако ќе мора да се направи со цел да може ова летало еден ден да превезува патници.

Идејата на Volocopter е да со нивното летало се превезуваат патници на кратки релации, па нивното превезување од градовите до аеродромите е едно од главните сценарија за иднината на леталото.

Од компанијата минатиот месец го претставија своето прво летало кое треба да функционира комерцијално, односно не е само тест летало. VoloCity има место за двајца патници, плус пилотот, како и нивниот рачен багаж. Може да помине до 35 километри со брзина до 110 километри на час.

Леталата кои ги развива Volocopter се секако целосно електрични, а тоа е и целата „поента“. Тие не загадуваат, а и не се бучни како класичните хеликоптери. Леталото кое изгледа како еден голем дрон, лета со помош на 18 ротори.

Кога точно може да се очекува ова летало да почне комерцијално да функционира, а и дали тоа ќе биде првото, не е познато, но верувам дека тоа ќе биде не во толку далечна иднина.

Оставете коментар

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.