5G мрежите во светот, а и во Македонија, се очекува да станат достапни од крајот на оваа, но најсигурно од идната година. Овие мрежи ќе овозможат многу поголеми брзини на проток на податоци, покрај другото, со што ќе станат побрзи и од моментално достапниот домашен интернет.

Секако, целта не е да секој корисник посебно добие многу поголеми брзини, кои и сега со 4G се повеќе од доволни. Базните станици ќе добијат многу поголем капацитет, со што ќе може да се опслужат без проблеми корисниците во време на поголема потреба од брзина поради достапноста на 4K содржината, виртуелната реалност и слично.

Операторот Verizon од САД порано од планираното започна со поставување на својата 5G мрежа, иако се работи за само неколку градови.

Од видеото во продолжение може да се види колкава брзина може да се извади во услови кога има мал број на корисници, а со тоа да се види и брзината која може да ја овозможи една 5G базна станица.

По приклучувањето на повеќе корисници со 5G мобилни телефони, за што ќе бидат потребни неколку години, оваа брзина по корисник ќе се намали, меѓутоа јасно е дека сепак корисниците ќе добијат многу поголеми просечни брзини од тие што им се достапни сега.

Во Македонија, барем преку 4G мрежата на Македонски Телеком, ретко имаме брзина под 35 Mbps, што е скоро слично со нашата брзина во нашите простории преку оптика.

Секако, оптиката овозможува многу поголеми брзини од тие кои се нудат во пакетите, но сепак е интересно да се направи споредбата.

Со 5G, операторите ќе почнат да нудат интернет за дома преку внатрешна антена, со што ќе се овозможи брзина на пристап сега возможна само преку оптичката мрежа. Ова ќе биде корисно за корисниците кои често ја менуваат својата локација, корисниците кои имаат викендичка, а посебно за корисниците кои живеат на места каде нема оптичка покриеност, нешто што со 5G нема да има веќе ни потреба да се направи.

ИЗВОРARS Technica
Претходна статијаМрежите од следната генерација треба да се градат партнерски и да бидат во корист на граѓаните
Следна статијаWindows 10 May 2019 Update доаѓа подоцна од очекуваното и донесува поголеми промени во начинот на надградба
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.