Фото: Innolith

Компанијата Innolith со седиште во Базел, Швајцарија, излезе со информација дека има постигнато огромен напредок во технологијата на батериите. Со нивната технологија, која е во процес на патентирање, литиум јонските батерии ќе може да имаат густина на енергијата до 4 пати поголема од сегашните батерии.

Густината на енергија која од оваа компанија ја најавуваат изнесува 1.000 ват часа на килограм, што е за дупло повеќе од најблиската технологија која е во фаза на развој и одобрена од страна на Министерството за енергија на САД.

За споредба, Tesla моментално во своите автомобили користи батерии со густина од 250 wh/kg, а работи на развој на батерија со 330 wh/kg.

Новата батерија, која Innolith ја развива во својата лабораторија во Германија, користи неоргански и незапалив електролит во литиум јонската батерија. Со тоа се зголемува и безбедноста на батеријата, а знаеме дека со денешните стандардни батерии, секогаш постои ризик од нивно запалување.

Овие батерии покрај нивниот капацитет, треба да имаат и подолг век на траење кој е за 10 до 100 пати поголем од денешните батерии. Ова секако е многу важно, а ќе се намали потребата од промена на батериите кај комерцијалните производи.

Доколку оваа батерија навистина е како што истакнуваат од компанијата, кога ќе се најде на пазарот, ќе може да овозможи електричните автомобили да поминат повеќе од 1.000 километри со едно полнење на батеријата.

Ова е доста голема разлика од сегашните електрични автомобили кои во просек можат да поминат околу 350 километри со едно полнење, а најдобрите резултати овозможуваат околу 600 километри.

Сепак, овие батерии не треба да се очекуваат баш веднаш на пазарот. Од компанијата имаат уште 3-5 години на развој додека батеријата биде понудена на заинтересираните компании.

ИЗВОРOil and Gas 360
ИЗВОР 2The Verge
Претходна статијаBRANSYS национален претставник на вториот Дигитален самит за Западен Балкан во Белград
Следна статијаМрежите од следната генерација треба да се градат партнерски и да бидат во корист на граѓаните
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.