carbon-film-970x0

Денешната технологија која е осетлива на допир најчесто се базира на рамни, плочкасти површини (како екраните на телефоните и таблетите) кои помагаат да се управуваат уредите преку користење на прстите, а не со помош на надворешни уреди како глушец, тастатура, џојстици или копчиња. Ваквата технологија се рашири многу интензивно особено после претставувањето на првиот Ајфон од страна на Епл, но ваквата технологија си има свои ограничувања. Таа е предодредена да биде фиксирана на несвитливи места, без различни форми на површината кои би можеле да се вклопат во естетската цел на дизајнерите.

Токму затоа има истражувачи кои моментално работат на свитливи сензори осетливи на допир. Истражувачите од компанијата Канату (Cannatu) од Финска објавија дека создале суперсвитлив сензор осетлив на допир кој не ја губи својата функција дури ни кога е свиткан до екстремни позиции, како на пример во облик на туба. Тие ова го оствариле преку користење на таканаречени јаглеродни НаноПупки (NanoBuds) кои овозможуваат остварување на функцијата на осетливост на електричниот потенцијал од кожата, но трпат повисоко свиткување во однос на јаглеродните наноцевки.

Со тоа, од Канату го имаат создадено првиот материјал кој може да се витка и истегнува околу други предмети и сам по себе, овозможувајќи му широка употреба насекаде околу секојдневните предмети кои ги користиме и помагајќи ја нивната дигитализација.

Интересно би било да се замисли рачката на менувачот на брзини во автомобилот да биде „обложена“ со ваков сензор со кој ќе можеме да го управуваме радиото, навигацискиот систем, затворање/отворање на вратите и други активности, а притоа нема да отстапува од формата на рачката и нема да биде ограничено да биде поставено само на рамни површини. Ваквиот свитлив сензор може да се постави на идните рачни часовници и да ги следи линиите кои дизајнерот ги замислил, а во исто време да ја остварува својата функција.

Во спој со друга технологија, ваквиот сензор кој би бил поставен врз некој екран кој го гледаме, може да се направи да ја менува својата површинска текстура и форма во однос на елементите на самиот екран, помагајќи ни да ги осетиме и тактилно покрај тоа што ги гледаме.  Интересното е што НаноПупките можат да ја претворат скоро било која површина во осетлива на допир, без разлика што не е изработена во специјален таков филм.

Од Канату очекуваат да се појави голем интерес на пазарот за нивниот концепт на свитлив сензор осетлив на допир, но се` уште немаат (или не кажуваат) некое значајно партнерство со некој голем пазарен играч. Уверени сме дека времето ќе покаже дека има потреба од ваквата технологија и таа ќе земе замав наскоро во иднината.

Извор: DigitalTrends, TechnologyReview

Претходна статијаНајпопуларните апликации, игри и друга содржина на Play Store за 2014
Следна статијаUnoTelly – дигитален телевизиски агрегатор кој отклучува ТВ канали од целиот свет