Samsung QLED TV е најверојатно еден од најчестите „поими“ на кои налетувате доколку се имате решено да купите нов телевизор, а посебно доколку буџетот за оваа намена ви е поголем.

Сигурно се имате запрашано што значи QLED ознаката на Samsung телевизорите и дали се работи за истата технологија како кај OLED телевизорите, само со различно маркетинг име поради различниот производител.

Сепак не. Се работи за тотално различни технологии кои слободно може да се каже дека се главните конкуренти помеѓу себе, а постои и дискусија за тоа која технологија овозможува подобро искуство при гледање на телевизија.

Што е QLED ?

На кратко, ознаката QLED се користи како кратенка за Quantum-Dot Light-emitting Diode или за да ви биде полесно за паметење со оглед на подолгото време во кое постојат LED телевизорите, Quantum-dot LED.

Во основа постојат повеќе варијации на оваа технологија, меѓутоа ќе се задржиме на таа која што ја користи Samsung.

QLED технологијата е еден вид на унапредување на LED технологијата. Тоа значи дека телевизорите кои работат на QLED технологијата, во основа ја користат досегашната LED технологија, меѓутоа додаваат слој од quantum-dot кој е наменет значително да ја подобри сликата. Задржувањето на LED делот значи дека иако quantum-dot диодите можат и самите да продуцираат светлина, таа сепак се’ уште доаѓа од LED панелот позади овие слоеви.

Она што го овозможуваат quantum-dot диодите е многу почисти, поточни и појасни бои, кои кога ќе се искомбинираат со силното LED заднинско осветлување, овозможуваат навистина силна и јасна слика со точност и јачина на боите која никогаш не беше успеано да се постигне кај LED телевизорите, но се поставува прашањето дали тоа го постигнуваат дури и скапите OLED телевизори.

Боите кај овие телевизори толку успешно се пренесуваат поради карактеристиките на quantum-dots диодите кои можат да емитуваат различна боја зависно од големината во која се направени, а тоа може да биде од 2 до 10 нанометри.

Која е предноста на QLED ?

Иако OLED технологијата е таа која важи за една од најнапредните кога се работи за гледачкото искуство, сепак со развојот и унапредувањето на технологијата, според некои QLED овозможува сепак подобро искуство.

Причината за тоа е веќе супериорната репродукција на боја, големата светлина која е способен да ја продуцира екранот, а кога на тоа ќе се додаде се подобрата репродукција на црната боја, која важеше за главен адут кај OLED телевизорите, QLED станува вистински конкурент.

На крајот тешко е да се одлучи која технологија е подобра затоа што и двете нудат одлични слики, кратко кажано, па може на крајот да се сведе на желбата на гледачот. Дали за гледачот се поважни само темните бои при гледање или сепак се дава значење на големата палета на одлично истакнати и светли бои.