Големината на чиповите е нешто што не е баш до крај сигурно до каде може да оди, иако за технологијата сигурно може да се каже дека и нема граници.
Моментално чиповите се намалени до 7nm, а ова овозможува доста подобрување во перформансите со намалување на потрошувачката на енергија.
Иако Samsung се познати и по својот сектор каде се работи на развој на чипови, сепак можеби повеќе ваква вест се очекуваше од некој од конкурентите како Intel или TSMC. Со ова Samsung докажува дека и во овој сектор сака да биде еден од најдобрите, а од компанијата тврдат и дека со новата технологија се најмалку една година пред конкуренцијата.
Од компанијата најавија дека работат на развој на 3nm чипови кои ќе почнат да се тестираат од идната година, а се очекува нивно масовно производство од 2021. Големината на овие чипови е постигната со нов начин на производство од тој што стандардно се користи кај моменталните чипови, а се очекува и дополнително намалување во годините што следат.
Она што е интересно со оваа најава е процентот на намалување на потрошувачка на енергија која ќе ја имаат овие чипови. Се работи за најава за намалување од 50%, што кога ќе се земе во предвид бавниот развој на технологијата за батерии, ова секако ќе биде добредојдено и ќе придонесе за вадење на некој дополнителен час од батеријата кај телефоните.
Покрај големото намалување на потрошувачката на енергија, овие чипови ќе дојдат и со зголемување на перформансите од 30%, што исто така е голем процент, а го намалува и просторот којшто е потребен за 45%.
Кога ќе се земе во предвид дека овие чипови се најавуваат за 2 години од сега, можеби и процентите не се толку чудни и тешки за верување. Напредокот на технологијата е доволно брз да за 2 години разликата е отприлика во тие граници.