Иднината на автомобилизмот дефинитивно е во електричниот погон и веројатно во водородниот за поголемите возила. Сепак, тоа не е целата приказна – се побрзо и побрзо расте продажбата на SUV модели, односно кај нас попознати како „џипови“, кои најверојатно ќе бидат најпродаваниот сегмент на возила во наредниве неколку години.

Затоа, скоро сите најголеми производители имаат неколку такви модели во понудата, а нив наскоро ќе им се приклучи и Tesla, која во Model Y ќе го има својот втор SUV модел после Model X.

Model Y ќе биде помал автомобил од Model X, односно ќе биде таканаречен компактен SUV автомобил. Ова значи дека со димензиите ќе биде близу до автомобили како Toyota RAV4, Honda CR-V и Volkswagen Tiguan.

Model Y ќе лежи на целосно нова платформа, која ќе донесе подобрувања во производствениот процес, односно ќе ги намали трошоците. Погонот секако ќе биде на струја, но сѐ уште не е прецизирано колку ќе може да се помине со едно полнење на батеријата, односно какви ќе бидат перформансите. Јас би рекол дека нема премногу да се разликуваат од тие на Model 3.

Првата фотографија не ни открива многу – намерата на Tesla со оваа фотографија е да привлече што повеќе инвеститори во компанијата, односно да се осигура дека и актуелните инвеститори ќе продолжат да вложуваат во компанијата.

Всушност, ова е и една од најважните работи кои Tesla треба да ги направи во моментов, бидејќи има многу нејаснотии околу нивните вистински финансиски перформанси и покрај високата популарност на брендот, а поради закаснувањето со порачките на многу автомобили.

Извор: Mashable, Engadget, ARS Technica

Претходна статијаApple HomePod е паметен звучник со акцент на аудио перформансите
Следна статијаCShell за Windows 10 ќе го направи интерфејсот подеднаков кај сите платформи, вклучувајќи и Mobile