m1tjifjn390ttvweox52-e1429775405520

3Д печатењето на голема врата чука во модерниот свет. Изгледа дека сите се „избезумени“ по можностите кои ги нуди, од печатење маски за телефони, заштитна облека, па дури до печатење цели функционални огнени оружја.

Земајќи го предвид развитокот на оваа технологија не е ни чудно што таа почнува да се појавува на најразлични места. Па така, Boeing го претстави првиот 3Д испечатен дел кој ќе го употребува во своите најнови авионски мотори. Овој дел – GE T25 – кој е голем колку тупаница во себе ќе содржи температурен сензор и ќе биде сместен во новите LEAP 1A и 1B мотори.

Инаку делот не е изработен со „стандардната“ потрошувачка 3Д печатарска технологија која најчесто се базира на создавање 3Д објекти преку топење на пластична маса со ласер. Овој дел е изработен од легура од кобалт и хром, и тоа во едно парче, преку топење со ласер или со електронски зрак. Единечноста на структурата овозможува поголема издржливост при пукање и притисоци бидејќи нема повеќе единечни делови кои се споени или заварени меѓу себе. Дополнително, 3Д печатењето овозможува побрзо производство на ваквите делови.

Според Бил Милхем, Генералниот менаџер за GE90 и GE9X моторните програми при GE Aviation (производителите на делот), „3Д печатачот ни овозможи брзо да го прототипизираме делот, да го најдеме најдобриот дизајн и бргу да се префрлиме кон производство. Го добивме конечниот дизајн во октомври 2014 г., започнавме со производство, го сертифициравме во FAA (Федералната авијациона администрација на САД; заб.) и ќе го внесеме во служба следната недела. Ова не би можеле да го направиме преку стандардниот производствен процес…“.

Boeing доби нарачка за дури 8.500 LEAP мотори и 700 нарачки за GE9X, што ќе го наплатат околу застрашувачки 135 милијарди долари. Оттука ни е сосема јасно како може и мора Boeing да инвестира во нова технологија која ќе овозможи побезбедни, побрзи и поевтини летови. Во планови се употреба на 3Д печатарите за производство и на други компоненти од нивните мотори и авиони, кои секако ќе морат да бидат одобрени од FAA пред да бидат пуштени во употреба, така што немате причина за грижа – 3Д печатарите ќе ве носат наоколу низ светот.

Извор: Gizmodo, 3DPrintingIndustry, GEReports

Претходна статијаFacebook ја претстави Hello за Android – Поинформативна замена за стандардниот бирач на броеви
Следна статијаGoogle официјално го претстави Project Fi – Стана виртуелен мобилен оператор