earthquake-bed-590x330

Замислете, спиете навечер конечно уживајќи го долгоочекуваниот одмор од работниот ден покриени под топло ќебе – не постои подобро чувство, нели? За среќа, Марфи е тука за да ви го расипе сонот со силен земјотрес кој ве буди момент пред да ви падне покривот врз глава. Со тоа не само што ќе одите во рајот (или пеколот) недоспани, туку и по пижами, што знае да биде незгодно.

За среќа постојат луѓе кои мислат и на овој проблем. Еден од нив е Ванг Венши кој пред некое време се стекна со патент за против земјотресен кревет, а во меѓувреме го „усоврши“ дизајнот, барем според негово видување. Секако, ако дизајн на кревет кој е пострашен од самиот земјотрес може да се смета за „усовршување“.

Имено, неговиот кревет има механизам кој во случај на силен земјотрес ќе се претвори во ковчег кој ќе ве повлече и затвори во себе со цел да ве заштити од разни парчиња од зградата кои инаку радо би ве пратиле во рајот (или, пак, пеколот). За жал, засега нема решение како да не умрете од срцев удар предизвикан од ненадејната клаустрофобија која дефинитивно ќе следи во таков драматичен случај.

Ако ги преживеете овие моменти во креветот ќе можете да се послужите со вода, храна, прва помош и гас маски. Тоа би требало да овозможи преживување за некое време затворен во ковчегот, а ако никој не дојде да ве спаси барем ќе бидете во доста поскап ковчег од комшиите.

Од друга страна, се поставува прашање како би биле спасени паровите кои спијат на ист кревет или пак рацете и нозете кои не се совршено поставени и излегуваат од маргините на креветот, па затоа можат да бидат заробени од неговата метална заштита-капак.

Како точно функционира против земјотресниот кревет на Венши и неговите варијанти можете да видите на горното видео. Добро размислете дали би го купиле, макар како свадбен подарок за некој другар за после тоа да го извадите од памет со симулирање на земјотрес и негово затворање на сред ноќ.

Извор: Geek, Gizmodo

 

Претходна статијаНаучете да свирите на клавир со ONE Light клавијатурата
Следна статијаНеуспешни се околу 9% од проектите на Kickstarter