asteroids-around-planet

„Ако ме нервираш ќе те испукам на Марс со ласер“ – фраза која можеби често ќе се искажува од родителите на иднината кон нивните деца. Така барем смета проф. Филип Лубин, кој во најновото видео од NASA го објаснува потенцијалот на една нова технологија за движење на вселенски објекти.

Имено, се работи за таканареченото фотонско погонување (photonic propulsion) со кој потенцијално може да се развијат огромни патувачки брзини низ вселената. Фотоните од ласерот со себе пренесуваат енергија и кога ќе се судрат со некој објект пренесуваат дел од кинетичката енергија врз него. Во случај на моќен ласер кој би се праќал сконцентриран во позадината на некој човечки-направен вселенски објект (на пример, сонда или вселенски брод), фотоните кумулативно ќе ја зголемуваат неговата брзина.

Интересното е што во вселената постои генерален вакуум – што значи дека, за разлика од Земјата каде објектите треба да го соборат отпорот на воздухот, во вселената зголемувањето на брзината практично е неограничено (сè до брзината на светлината, секако). Дополнително, брзината на ласерските фотони е брзината на светлината – што значи дека не се ограничени со брзина на хемиски реакции, што е случај со горивата кои сега се користат за придвижување наши објекти во вселената.

Ласерите кои би го правеле ова би орбитирале околу Земјата и кога ќе дојдат во правилната позиција ќе испалат, придвижувајќи го објектот. Преку нив објектот би можел да достигне брзини од значаен процент од брзината на светлината – на пример, 30% – што би овозможило и патување до околни вселенски системи.

На пример, Алфа Кентаури е оддалечена 4 светлосни години. При патување од 30% од брзината на светлината ќе бидат потребни само 13,3 години да се стигне до неа, што е помалку него патувањето на Voyager 1 и 2 сондите кои тек пред малку излегоа од Сончевиот систем. Со еден збор ќе ги „прешиша“.

Тоа исто така би значело дека објект од 100 килограми би можел да се испрати до Марс за само неколку дена, да ни го поздрави и да се врати назад. Во тој случај нема да мора да го спасуваме Мет Дејмон со месеци и тој да мора да расте компири со „вештачко ѓубриво“ (ако се разбираме).

Како и да е, вреди да се погледне целото видео каде проф. Лубин објаснува како и кога се планира да се изведе фотонското погонување и што тоа би значело за човечката цивилизација.

Дополнителни информации: TechSpot, Cnet

Претходна статијаНов патент од Apple најавува флексибилен iPhone
Следна статијаSoundHound официјално го пушти нивниот персонален асистент Hound