shutterstock_72733816

Енергијата од обновливи извори дефинитивно е иднината кога се работи за овој сектор на човечката цивилизација. Со префрлањето кон електрични возила, маглев возови, осветлување, машинерија, беспилотни летала и со тоа цели производствени и потрошувачки сектори на електричната енергија како основен погон, ваквата цел станува сè побитна.

Негативнитe карактеристики на ваквата технологија се неколку. Имено, кога се работи за сончевата енергија, нашите сончеви колектори се прилично неефикасни (некаде околу 20 проценти). За да обезбедат доволно енергија потребно е да покријат огромни површини кои, да не се панелите, би можеле да бидат обработлива почва. Секако, се размислува на такви сончеви панели кои ќе ги покриваат патиштата и покривите на зградите, а не обработлива земја. Воедно, панелите работат во држави каде има многу Сонце, што ги исклучува северните земји (но изгледа дека сме на пат кон решение и за ваквиот проблем).

Кога се работи за искористување на ветрот најчесто се потребни огромни и скапи ветерници и секако територија на која има редовни струења на ветрот. Ветерниците исто така заземаат голема површина на почвата, а понекогаш сметаат на птици кои се удираат во нив. Сличното се случува и со концентрираната сончева енергија која понекогаш убива птици со концентрираните зраци.

Сепак, технологијата и развитокот одат напред, а со тоа доаѓаат поефикасни сончеви панели, ветерници, турбини на плима и осека и слично.

Португалија 4 дена исклучиво на сончева енергија

Ваква победа беше однесена изминатиот период од Португалија која успеа своите електрични енергетски потреби во текот на 4 дена да ги прехрани исклучиво од енергија од обновливи извори, пред сè од Сонцето. Се работи за периодот од 7-ми до 11-ти мај оваа година.

Се работи за држава која има околу 10 милиони жители и површина приближно таа на Југославија. Во текот на претходните декади Португалија вложи значајни напори да го револуционизира енергетскиот сектор и да се оттргне од зависноста од фосилни горива, што како што гледаме, полека им успева.

Ова е значаен успех и приказ дека ваквиот развиток е можен и вложувањето во него е сосема оправдано. Кога се работи за сончева енергија Португалија не е сама бидејќи најголеми вложувачи во нејзе се Шпанија и САД. Браво!

Германија произведе толку струја што им плаќаше на корисниците за да ја користат

middelgrunden_wind_farm_2009-07-01_edit_filtered-e1462906285160

Од друга страна ја имаме Германија. Иако оваа држава не може да се пофали со огромна изложеност на сончеви зраци, сепак борбата за употреба на обновливи извори на енергија не застанува таму. Па така, должејќи на необичаено сончев и ветровит ден, овој сектор успеа да покрие 55 гигавати енергија од целосната потрошувачка во државата од 64 гигавати, на 8-ми мај 2016.

Нормално, другите производители не застанаа со произведувањето, па се произведе толку електрична енергија што вишокот мораше некаде да се потроши, а тоа ја спушти цената надолу до надреалната точка на негативна вредност. Во превод, Германија за вишокот почна да им плаќа на корисниците за да ја користат струјата како не би се преоптовариле системите на енергодистрибуција.

Германија не е единствена во ова. Имено, пред некое време Данска, исто така должејќи на исклучително ветровит ден, произведе толку електрична енергија што постави сопствен рекорд преку произведување на 140% од потребната енергија, од што вишокот го префрли во соседните земји. Данска исто така го постави рекордот за 2015-та година, покривајќи дури 42% од целата струја преку обновливи извори.

Ваквите вести се секако позитивни за сите нас и очекуваме ентузијазмот во ваквиот развиток да се префрли и во нашите смешни балкански земји кои иако имаат многу сончеви и ветровни часови сепак се на самиот почеток кога се работи за искористување на целата оваа енергија. Тоа ќе овозможи дополнително развивање на други поврзани сектори, како што се електричниот транспорт и технологијата на батерии.

Честито Португалија, Германија, Данска, Шпанија и сите останати.

Дополнителни информации: IFLScience, IFLScience 2, Lockerdome, QZ

Претходна статијаНовите паметни часовници на Pebble се фокусирани на фитнес корисниците
Следна статијаЖивеењето покрај море е добро за менталното здравје