MIT-ReflectionRemoval_0

Сигурно многупати сте сакале да фотографирате од некоја висока зграда или пак од автобус, а не сте можеле да го отворите прозорот и на крај фотографиите имале многу рефлексија и не биле употребливи. Научниците од “MIT” имаат решение за тоа – нова камера, која во прототип изведбата се базира на Kinect камерата од Xbox One и која може да ги тргне рефлексиите од овие фотографии.

Kinect камерата се користи бидејќи има посебен сензор за мерење на длабочината на објектите кои се наоѓаа пред неа, односно може да ја препознава оддалеченоста. Токму ова својство на Kinect е искористено во овој прототип, заедно со пуштање на специфични светлосни бранови од камерата кон стаклото.

Овие светлосни бранови потоа се одбиваат од стаклото, па камерата со својот сензор за длабочина може да измери колку далеку се наоѓа стаклото преку кое фотографирате. Потоа, со специјално развиени алгоритми развиени во соработка со Microsoft Research, можат софтверски да се отстранат сите рефлексии од стаклото и да се добие многу почиста фотографија.

Друг тим од “MIT” соработува со Google на истиот проблем, но тие имаат малку различен пристап, односно снимаат кратко видео, од кое потоа се отстрануваат рефлексиите од посебните фрејмови, за да се добие чиста финална фотографија.

Идејата е овие системи во иднината да се вградуваат во преносните уреди, односно смартфоните, но според истражувачите, треба да помине уште долго време додека тие стигнат до потрошувачите, ако и тоа воопшто се случи, бидејќи технологијата е скапа и не е особено примамлива за купувачите – сигурно никој не би купил поскап уред само затоа што може да фотографира подобро преку стакло.

Извор: Engadget, SlashGear, The Tech News

Претходна статијаИзвршниот директор на Oculus лично го испорача првиот Rift
Следна статијаКритична маса #47: Скопје не е паркинг