Скоро секој месец слушаме за нови технологии за дизајн и изработка на батерии, но реалноста е дека тие сѐ уште се едни од најпроблематичните делови во нашите уреди, бидејќи мора да ги полниме скоро секојдневно. Тука особено страдаат електричните возила, кои се полнат предолго и имаат многу мала автономија со едно полнење, нешто што би можело набрзо да се смени.

Зошто набрзо? Затоа што истражувачите од „Фраухофер Институт за Керамички Технологии и Системи“ (Frauhofer IKTS), измислија нов тип на батерија, која може да има многу поголем капацитет во помало пакување. Идејата е многу едноставна – да се намали големината на куќиштето околу секоја ќелија во батеријата и со тоа да се овозможи повеќе од волуменот да се користи за зачувување енергија.

Овие батерии користат целосно нови електроди со метални ленти кои од двете страни се обложени со керамика, која ќе служи за складирање на енергијата. Овој процес е прилично сложен, но од компанијата велат дека нивната експертиза во производството на керамика им овозможува да ги дизајнираат и произведат ваквите електроди, кои ќе можат да складираат многу повеќе енергија.

Новиот систем има ќелии кои се директно ставени една врз друга, наместо индивидуални ќелии кои се ставени една до друга. Многу поважно, текот на струјата во батеријата е преку директно поврзување на ќелиите и потоа преку целата површина на батеријата. Со ова се намалува електричниот отпор и се зголемува капацитетот на батеријата при ист волумен, што е пат кон електрични возила кои ќе можат да поминат преку 1.000 km со едно полнење, а според Мареике Волтер, проектен менаџер на Frauhofer IKTS.

Првите вакви батерии би требало да се појават после 2020 година, кога ќе почнат и тестирањата на електричните автомобили.

Извор: TechRadar, Frauhofer

Претходна статијаSpaceX планира да лансира сателити за брз глобален интернет
Следна статијаMicrosoft ќе се фокусира на десктоп страната на “Universal Windows Platform” апликациите