Замислете облека која воедно е и OLED дисплеј. Знам, делува чудно, како од некоја научно-фантастична комедија, но тим на научници и истражувачи од Јужна Кореја веќе направија таков материјал, кој во догледно време може да се користи за изработка на облека, односно секаков вид на ткаенина, но и за долгоочекуваните паметни телефони со дисплеј кој може целосно да се превитка.

Нормално, ова не значи дека облеката целосно би била дисплеј, но делови од неа без проблем би можеле да бидат. На пример, може да има дел на ракавот кој ќе прикажува нотификации од вашиот смартфон, односно времето, климата и сл.

Тајната е во електродите изработени од графен, кој со своите својства е дефинитивно материјалот на иднината, бидејќи е неколку нанометри тенок (човечкото влакно е 80.000 до 90.000 нанометри) и има исклучителна еластичност, цврстина и спроводливост на струја. Благодарение на овие својства, OLED дисплеите со графен се многу поотпорни на оштетување и имаат многу помала потрошувачка на енергија, што ги прави идеални за употреба во ткаенини.

Исто така, исклучителната еластичност на графенот, односно можноста да се свитка без да се оштети, е скоро иста како на ткаенините, што значи дека ваква облека ќе може без проблем и да ја свиткате и складирате во шкаф. Ваков дисплеј би можел да се користи и за смартфони, таблети и лаптопи со свитливи дисплеи, особено поради високата отпорност и издржливост.

Извор: Digital Trends, ZDNet, Engadget

Фото: Engadget

Претходна статија„Младост без лудост“ – нова кампања на РСБСП
Следна статијаMoto C и C Plus ќе бидат супер достапни смартфони