INFINITI-VC-T-engine

На нашиот веб сајт најчесто пишуваме за електричните возила, бидејќи тие се технологијата која најверојатно ќе не вози во наредниот век, но производителите сѐ уште не се откажуваат од моторите со внатрешно согорување. После десетици години истражувања на ова поле, Nissan (односно нивната луксузна гранка Infiniti) е првиот производител кој лансира мотор со променлива компресија, што во теорија треба да овозможи големо намалување на потрошувачката и зголемување на силата.

Што е компресија? Тоа е минималната оддалеченост меѓу клипот и врвот на цилиндарот на моторот – што поголема компресија, тоа посилна експлозија при палење на горивото. Ова сепак не значи дека изборот на висока компресија е секогаш најдобро решение – премногу малото растојание на клипот до врвот на цилиндарот може да предизвика детонантно самозапалување на смесата на гориво и воздух уште пред да се пушти искра од свеќичката, што може да биде кобно за трајноста на моторот, но и за перформансите и потрошувачката.

Кај сите автомобили, моторите имаат претходно дефинирана компресија, која е пресметана како оптимална за дадениот мотор. Спортските автомобили имаат повисока компресија, додека обичните автомобили имаат пониска компресија. Новиот мотор на Nissan може да го има најдоброто од двата света, бидејќи има променлива компресија, благодарение на дополнителниот механички дел поврзан со клипницата, кој може да го контролира аголот со неа и со тоа патот на клипот во цилиндарот. Ова овозможува клипот да има различен пат на движење во цилиндарот и со контрола на компјутер, да го менува степенот на компресија од 8:1 до 14:1.

Во принцип, моторот на Nissan работи со висока компресија при ниските вртежи со цел целосно согорување на горивото, но со пониска компресија при повисоките вртежи со цел намалување на шансата за самозапалување на горивото. Бидејќи се работи за 2,0 литарски бензински мотор со турбо полнач, ова е уште поважно – турбо моторите веќе добиваат збиен воздух во цилиндарот, па многу е полесно смесата да се само запали и најидеално е степенот на компресија да биде поголем со цел да се спречи тоа.

Според Nissan, овој мотор ќе има 30% помала потрошувачка отколку обичен 2,0 турбо бензинец, но за да се увериме во тоа секако ќе треба да ги видиме првите тестирања. Сепак, мора да се радуваме на фактот дека технологијата која едно време се сметаше за егзотична, сега ќе ја имаме во сериски автомобил.

Извор: Wired, Autoblog, Jalopnik

Претходна статијаСАД ќе ja префрли контролата врз Интернет на приватна компанија
Следна статијаXiaomi го претстави новиот Redmi Note 4 – има одлични спецификации и многу ниска цена