Nissan
Фото: Nissan

Јапонскиот авто производител Nissan подготвува систем за управување кој буквално ги чита мислите. На прв поглед, системот за управување личи на кацига за велосипед.

Од неа произлегуваат 11 електроди кои се поврзани со главата на управувачот. Електродите се користат за мерење на т.н. EEG активност. Овие сигнали ги емитува нашиот мозок во случај да сакаме да придвижиме некој екстремитет. На истиот принцип, доколку може да се „уловат“ овие сигнали, би можело да се користат за управување.

Nissan
Фото: Nissan

Сигналот патува половина секунда од мозокот до органот кој ја извршува командата. Од Nissan сметаат дека оваа временска секвенца е доволна системот да препознае реакција и да ја спроведе во дело. Концептот беше претставен во вид на симулатор на изминатиот CES во Лас Вегас.

Компјутерот на Nissan има способност буквално да ги чита мислите на човекот и истите да ги спроведува во команди за управување со возило. „Опремата“ која возачот ја користи е унапредена верзија која користи само 11 електроди и е практична за носење. Таа е поврзана со системот со помош на Bluetooth, а се напојува со помош на мала батерија.

Оваа технологија е далеку од практична примена во авто индустријата. Меѓутоа создава голем потенцијал за асистирање или дополнување на автономните или полуавтономни возила. На тој начин човекот и вештачката интелигенција би се надополнувале, со што би се минимизирала шансата за грешки. Вработените на овој проект од Nissan во моментов самите го тестираат проектот, снимајќи ја својата мозочна активност додека возат до своето работно место и назад. Податоците подоцна би можеле да се искористат за унапредување, но тешко дека наскоро ќе управуваме со возилата без да мрднеме со прст.

Извори: Wired, Gizmodo

Претходна статијаGame of Thrones: Што ќе заврши попрво: книгите или серијата?
Следна статијаApple ќе овозможи исклучување на функцијата која го забавува iPhone поради батеријата