azko7v48qmo0ssguxdrn

Најголемиот и најпопуларен град во САД, добива нешто за кое ама апсолутно секој човек на планетава сонува – широко распространета и бесплатна Wi-Fi мрежа, која притоа нуди фантастично високи брзини на трансфер.

Интернетот ќе биде достапен на обележани центри, кои ќе бидат поврзани преку LinkNYC оптичката мрежа. Секој центар на кој ќе може да се поврзете ќе биде посебно поврзан со оптички кабел и благодарение на тоа, нуди вртоглави брзини – од LinkNYC велат дека максимумот е 1 Gbps, но поради ограничувањата на многу уреди, чија Wi-Fi Картичка не поднесува толкави брзини, од Gizmodo измерија 436 Mbps при симнување и 360 Mbps при качување на датотеки.

yauhi4uy63dxoy4ulljy

Ваквите бројки не се достапни кај нас ни од далеку за комерцијален интернет кој го плаќаме. Всушност, последниве неколку години и нема некој особен напредок во брзините – додека западните земји преоѓаат на брзини од неколку стотици Mbps (мегабит по секунда), кај нас скоро и да нема достапни понуди со 100 Mbps.

Но, да се вратиме на мрежата во Њујорк. Wi-Fi центрите се уште се во бета фаза и ќе се развиваат понатаму, но идејата е да бидат достапни низ целото градско подрачје – планирани се вкупно 7500 центри. Да, Њујорк е многу, многу голем град. Засега се достапни на Третата Авенија, од Улица 15 до Улица 19 – одлична информација ако имате план да го посетите Големото Јаболко и сакате инстантно брзо за тоа да ги известите своите пријатели на Facebook. Исто така, на самите Wi-Fi центри има поставено дисплеј на допир со големина од 55 инчи, како и USB излези за да можете да го наполните смартфонот или таблетот.

На мрежата можете да се логирате со своја e-mail адреса и тоа ќе треба да го направите само еднаш – доколку се префрлите на друг Wi-Fi центар, мрежата автоматски ќе го забележи вашиот уред и нема да има потреба повторно да го внесувате мејлот. Во превод, телефонот ќе ви биде цело време поврзан на Wi-Fi, се додека сте во близина на некој од поставените центри. Или пак замислете да имате стан во близина… Бесплатен мега брз интернет, засекогаш!

Извор: The Verge, Gizmodo, TechTimes

Претходна статијаMicrosoft работи на видео повици со „холограми“
Следна статијаElliptic Labs ветува телефон без црни сензори на горниот дел од екранот