best-internet-speed-test-970-80

Интернетот започнавме да го гледаме како нешто што е секогаш достапно, има цел океан од информации кои не можеме ниту да почнеме да ги совладуваме самостојно, има простор за наше учество и оставање на дигитална историја и така натаму.

Сепак, тоа е само почетокот. Со најновите (сè уште рудиментирани) платформи за Интернет на нештата, тој ќе стане апсолутно сеприсутен во секое ќоше од нашите животи – од домашните уреди, преку автомобилите и јавниот транспорт, до воведувањето на виртуелна реалност, па можеби дури и до негово „разбудување“ и станување самосвесен.

Некои компјутерски научници сметаат дека ваквото експлозивно ширење на Интернетот и неговите способности ќе предизвика значително зголемување на потрошувачката на енергија во светот која ќе ги достигне границите и ќе предизвика негативни последици. Според некои научници од Унверзитетот од Ланкастер, Интернетот сега користи 5% од светската енергија, но се очекува да достигне до дури 20% до 2030 г. Тоа е цела петтина од целата енергија, што е огромно количество секако.

Според нив, постојат природни граници на користење на енергија кои луѓето и машините можат да ги постигнат на Земјата. Штом се постигне одредено големо ниво на употреба на електрична енергија, тоа ќе стане проблематично. Нивниот предлог е да се разгледа воведување на ограничувања во брзината на Интернетот што ќе предизвика намалување на брзината на неговото ширење.

Сепак, тие не успеваат да објаснат како воведување на уште едно светско бирократско чудовиште (на пример, документ при ООН) би бил поефикасен него да се остави пазарот да ги реши овие работи сам. Имено, во оној случај кога искористеноста на електрична енергија ќе стане проблематичен, цената на енергијата во тој сектор ќе стане повисока и со тоа ќе се намали побарувачката. Така проблемот ќе се реши сам.

Секако, не сметам дека за апсолутно сите проблеми слободниот пазар е единствено решение, бидејќи пазарот може да предизвика и зголемување на одредени проблеми кои немале да настанат со регулација. Сепак, тој најчесто се појавува како најдоброто решение за сите сложени проблеми и предизвици кои луѓето ги имаат низ историјата.

Дополнителни информации: TechRadar, Lancaster University, Techsite.io

Претходна статијаOnion Omega 2 е микро компјутер конкурент на Raspberry Pi Zero, чини само 5 долари
Следна статијаЗапочна второто издание на StartQube летниот камп за бизниси во Охрид