shutterstock_126489077

Водородот е еден од најдобрите (ако не и најдобриот) елементи кои можат да се искористат како извор на енергија бидејќи ослободува голема енергија и е суперчист. Водородот, бивајќи наједноставниот елемент (само по еден протон и електрон) е најзастапен елемент во вселената и тој е основен составен дел на ѕвездите. За жал, иако е најзастапен, тој на Земјата е исклучително тешко да се пронајде и задржи во употреблива форма бидејќи поради неговите карактеристики исклучително лесно се врзува со други елементи и гори.

Инженерите и истражувачите напорно работат на решавање на овој проблем на добивање водород, и нивното решение најчесто се движи кон создавање на водород од водата преку електролиза. Имено, ако се стават електроди во вода низ кои тече електрична струја се раскинуваат врските меѓу водородот и кислородот, резултирајќи во нивно одделување. Еден од можните начини за остварување е преку создавање на т.н. сончеви ќелии кои создаваат водород.

Се работи за ќелии кои се фотоосетливи и сончевата енергија ја претвораат во електрична. Потоа таа се пренасочува кон електролиза па создава водород. Проблемот е, секако, ефикасноста која досега беше околу 18% – недоволно за развивање на оддржлив извор. Од друга страна, научниците од Монаш Универзитетот објавија дека постигнале ново ниво на ефикасност на ваквите сончеви ќелии од 22%. Иако изгледа безначајно, ваквиот развиток е значително подобрување бидејќи во суштина е подобрување од цели 22% од предходното ниво (18% -> 22%). Инаку, ваквата технологија некои ја нарекуваат „вештачки лист“ бидејќи работи слично на природните ливчиња – ја претвора сончевата енергија во друга (со таа разлика што природните листови ја претвораат во гликоза и кислород).

Според Даг Мекфарлејн, водачот на таа програма, „Водородот може да се користи да се создаде електрична енергија директно во горивните ќелии. Возилата кои се погонети од мотори на горивни ќелии постануваат достапни од повеќе производители на возила. Водородот исто така може да се користи како евтина технологија за складирање енергија на куќното ниво за да се складира енергија од сончеви панели кои се наоѓаат на кровот“.

Во секој случај ова е еден значаен напредок кон остварување на вистински-оддржлив енергетски систем кој се базира на извори на обновлива енергија.

Извор: Monash Science News, IFLScience

Претходна статијаWileyFox е нов играч на Android сцената од В. Британија, со два солидни телефони
Следна статијаSmartHalo – велосипедски асистент за низ град