Иако поголемиот дел од патентите не ги гледаме во форма на производи, барем на целосно, сепак е интересно да се види во кој правец размислуваат компаниите и на што работат.
Од Microsoft размислуваат како да го зголемат користењето на дигиталните асистенти како Cortana, кои и покрај тоа што технологијата за препознавање на гласот е доволно напредната, сепак не се користат толку масовно.
Ова е посебно случајот во јавни ситуации, односно кога корисникот не е сам, па “разговарањето” со својот дигитален асистент може да биде чудно, да смета, но и да ја наруши приватноста на корисникот.
За таа цел, од компанијата патентираа систем кој може да работи со таканаречени “тивки” гласовни команди. Овие команди може да биде во форма на шепотење, па дури и потивко, а системот би требало сепак да ги препознае.
Во оваа форма на патентот, системот е посебен уред кој може да се додаде на било кој од другите уреди кои имаат вградено дигитален асистент.
Дали вакво нешто навистина е потребно, не сме сигурни, меѓутоа како што нагласивме, патент не значи и развој на реален производ.