Како што истакнуваме неколку пати до сега, наредната револуција во мобилните уреди ќе дојде со развојот на флексибилните екрани кои ќе можат да се превиткаат и со тоа да овозможат две глемини на уредот.

Ова ќе биде навистина корисно. Само замислете, кога сте излезени го користите вашиот мобилен телефон кој не мора да е нешто посебно голем, најнормално како и досега. Причината поради која и не мора да е голем е можноста да се отвори, односно одвитка екранот и со тоа да се добие дупло поголем екран за ситуациите кога тоа е потребно, како на пример гледање на видео, читање на книга, гледање слики и слично.

Истото може да се примени и на таблет компјутерите кои во одредени ситуација ќе биде погодно да се користат во превиткан, помал формат, додека тој уред потоа ќе може да се отвори и да се добие поголем екран.

Нов патент од Microsoft покажува дека од компанијата работат на развој на ваков уред и истиот дава надеж за многу покорисен уред од тоа што до сега можеше неофицијално да се прочита за таканаречениот Andromeda.

Од сликите може да се види дека уредот ќе има еден екран зад којшто ќе стои системот за превиткување. Превиткувањето ќе се прави на едната страна, а ќе се овозможи големиот екран да се намали со што ќе се добие покомпактен уред.