grocery-shopping

Можеби сте биле некогаш изнервирани кога ви вратиле петнаесет ситни парички кои ви тропале во паричникот. Можеби едноставно ви е полесно да внесете PIN код место да бркате по книжни пари и да ги броите. Како и да е, безготовинското плаќање се` повеќе навлегува во нашите животи и (наводно) ни ги олеснува.

Прво започна со кредитни и дебитни картички, а сега продолжува со користење на преносните уреди кои сите веќе ги имаме – мобилните телефони.

Diebold и самопослугата

Компанијата Diebold, која веќе подолго време работи на услуги и машини кои имаат самопослужна цел (на пример, банкомати), на пазарот го претстави својот најнов производ за самопослужување во продавниците.

Идејата е многу едноставна: место да собирате производи и потоа да ги откуцувате во системот на каса, внесувањето на тоа што сакате да го купите го правите на лице место при ставање во кошницата. Како што одите низ рафтовите ги одбирате призводите кои ви се допаѓаат и потоа со вашиот телефон и апликацијата на Diebold ги внесувате во системот.

На крајот одбирате да ви бидат наплатени од сметката без вклучување на било какви книжни пари.

Според Diebold ова ќе биде револуционерен концепт на пазарување кој ќе овозможи да нема гужви при наплата во продавниците и генерално побрзо купување. Купувачите среќни и задоволни ќе излегуваат од продавницата без да чекаат ред.

Ако го читаме нивното соопштение ќе помислиме дека едноставно не постојат негативни страни на ваквото пазарување, но дали е така?

Проблеми со концептот на Diebold и со безготовинското плаќање

На прв поглед постојат неколку големи проблеми со концептот на Diebold.

Имено, се поставува легитимно прашање – како ќе се спречат кражби со оглед на тоа што внесувањето на „купените“ работи во системот зависи од добрата волја на купувачите? Јас би очекувал постојано да снемува по некое добро од рафтовите, барем додека не се воведат повеќе безбедносни камери и лица да ја осигуруваат „добрата волја“.

Ова пак не` води до второто и третото прашање. Самопослугата на овој начин ќе значи дека нема да има потреба од вработување на работници кои досега ги спроведуваат купените производи низ системот. Ако системот биде прифатен на широко тоа значи останување без работа на стотици илјади работници ширум Европа, Јапонија и САД (каде е најверојатно дека најбргу ќе се примени). Работници без работа не можат да купуваат во продавници.

robots-replace-humans-840x420

Од друга страна, некои работници на каса ќе се заменат со обезбедувачи кои ќе гледаат на камери или ќе шетаат низ рафтовите. Сепак, нема да биде долго пред и тие да бидат заменети со безбедносни роботи и алгоритми. Обезбедувачи без работа не можат да купуваат во продавници. Не секој е подготвен, ниту пак треба, да стане доктор на науки или да се занимава со најнапредните технолошки иновации на (неговата) денешница за да обезбеди работно место.

Четврто прашање е следното: ако купувањето може да се направи толку лесно,  едноставно и без чекање редови, па со скенирање преку телефонот го внесувате производот во листа, тогаш, која е поентата воопшто да одите до продавница?! Едноставно седете си дома и нарачувајте си преку Интернет – ниту ќе чекате ред, ниту ќе морате да се придвижите ни еден чекор. Баталете што велат научниците за 10-те илјади чекори дневно.

shutterstock_money_hole

Петто, и можеби најбитно, прашање: дали сте навистина комфорни со идејата дека вашите пари практично „не постојат“ (се виртуелни бројки во компјутерски систем) и дека разноразни хакери и агенции можат да изградат целосен и детален профил на тоа што купувате, што јадете, со кој шампон и сапун се миете, какво млеко пиете, кои мусли ги јадете… преку лесно вадење на вашите информации на купување?

Ако пробивањето на вашиот телефон за да не биде заклучан за една мрежа трае 10 минути кај стручна личност, што мислите колку време ќе треба да се пробие „заштитената“ база сместена внатре во телефонот или во облакот?

Од друга страна, што правиме со оние случаи кога одредени фактори ќе одредат дека едноставно не сте доволно послушни, па заслужувате да ви бидат блокирани средствата кои целосно ги имате во дигитална и контролирана верзија за да ве „превоспитаат“?

Тогаш, што да се прави?

21947950-robot-replacement

Етичките проблеми се огромни и потребно е да ги решиме пред стрмоглаво да се нурнеме во користење на технологии кои имаат потенцијал да го изменат целиот начин на живеење и обезбедување на секојдневните потреби. Таков пример е и концептот на Diebold, концепт кој тие толку весело и среќно го промовираат на нивната веб-страница без воопшто спомнување на било какви предизвици околу неговата примена.

Авторот на статијава не е принципиелно против безготовинското плаќање, туку смета дека луѓето за жал не посветуваат доволно внимание на некои горчливи потенцијални проблеми кои можат да им донесат дистопијанска иднина ним или на нивните деца,  дека треба да им се укажат пред да биде доцна.

Дополнителни информации: Engadget, Mashable

Претходна статијаFractal Design Nano S – Мало и тивко куќиште за големи ентузијасти и гејмери
Следна статијаПуштањето на Windows 10 Mobile одложено за идниот месец